ГАШИ НАЈАВУВА НОВ ИЗБОРЕН ЗАКОНИК Дебата за Кривичниот законик останува отворена

Координацијата со пратеничките групи се фокусира на изборниот систем, а не на амнестијата за функционери

ГАШИ НАЈАВУВА НОВ ИЗБОРЕН ЗАКОНИК Дебата за Кривичниот законик останува отворена
Фото: Принтскрин

По пауза поради локалните избори, претседателот на Собранието Африм Гаши денеска свика координација со координаторите на пратеничките групи. На состанокот не се разговарало за измените на Кривичниот законик кој предизвика полемики поради амнестијата за функционери обвинети за корупција и злоупотреба на службената положба туку за носење нов Изборен законик.

„Вратата за новиот Кривичен законик и за измените што ги бара Управниот суд во делот на амнестирачките членови е отворена. Сè уште нема предлог, тоа зависи од Владата“, изјави Гаши, потсетувајќи дека уште во август, кога ги распиша локалните избори, му било најавено од министерот за правда Игор Филков и од Владата дека законот е речиси подготвен“.

Во однос на законот за локална самоуправа, кој не беше усвоен поради отсуство на Бадентерово мнозинство, Гаши најави дека дебатата повторно ќе биде отворена. Сепак, не можеше да прецизира дали ќе се измени одредбата според која законот би стапил во сила дури од следните локални избори. Доколку не се направи таква промена, предупредија дел од пратениците, тоа би значело заштита на актуелните градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа зависи од партиите“, рече спикерот.

Гаши информираше дека Предлог-буџетот за следната година е доставен во Собранието и дека до 10 ноември ќе се поднесуваат амандмани, по што ќе започне расправата.

„Очекувам до 9 декември да свикам седница“, најави тој.

На денешната координација, прва по изборната пауза, било договорено да се отвори процес за изработка на нов Изборен законик, со цел тој да биде усвоен на консензуален начин.

„Нов закон е потребен, меѓу другото, и поради финансирањето на политичките партии. Во сегашниот закон, напишан во 2021 година, се предвидуваше само две партии, што не одговара на актуелната политичка реалност. Сега имаме три партии на власт и три во опозиција. Можно е да се разговара и за промена на изборниот систем – Македонија да биде една изборна единица“, објасни Гаши.

Во врска со прегласувањата во неколку општини, Гаши истакна дека актуелниот состав на Државната изборна комисија (ДИК) ќе го спроведе процесот до крај.

„Мандатот на членовите на ДИК истекува на 15 јануари. Тој трае пет години и завршува со избор на нов состав. Неумесно би било среде гласање да се распише оглас за нови членови“, додаде спикерот.

CATEGORIES
TAGS
Share This