ДЕН ШТО СЕ ПАМЕТИ ЦЕЛ ЖИВОТ Новата генерација питомци се заколна дека ќе ѝ служи на татковината
30. генерација питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ ја даде свечената заклетва.

„Денеска е еден од оние денови што се паметат цел живот“, порача министерот за одбрана Владо Мисајловски на свеченоста по повод давањето заклетва на питомците од 30. генерација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.
Обраќајќи им се на младите питомци, Мисајловски истакна дека со заклетвата преземаат една од најголемите одговорности што може да ги има еден млад човек – да ѝ служи на својата татковина.
Тој нагласи дека воената професија бара физичка подготвеност, психолошка издржливост и дисциплина, а од питомците се очекува во следните четири години посветено да учат и да се усовршуваат, за да бидат подготвени да носат одлуки од клучно значење за одбраната и безбедноста на државата.
„Бидете тим, почитувајте се меѓусебно и никогаш не заборавајте дека силата на Армијата не е само во способностите на поединецот, туку и во единството и довербата меѓу нејзините припадници“, порача министерот.
На свеченоста присуствуваа началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, високи претставници на Министерството за одбрана и Армијата, претставници на воено-дипломатскиот кор, како и семејствата на питомците.
Посебен акцент беше ставен и на меѓународната соработка. На Воената академија се образуваат и шест питомци од Босна и Херцеговина, на кои Мисајловски им порача дека заедничкото образование претставува вложување во пријателството, меѓусебната доверба и регионалната безбедност.
„Вашето заедничко образование е многу повеќе од размена на знаења. Тоа е инвестиција во меѓусебната доверба, во пријателството и во регионалната безбедност“, истакна министерот.
Деканот на Воената академија, полковник Ненад Танески, им порача на питомците дека пред нив се години исполнети со учење, воена обука, предизвици и лични успеси. Тој нагласи дека целта е да се изградат офицери што ќе умеат да размислуваат, да донесуваат одлуки и да ги водат луѓето со личен пример.
„Добриот офицер не се препознава само по тоа како командува, туку и по тоа како се однесува кон луѓето што му се доверени“, истакна Танески.
Тој им се заблагодари на министерот Мисајловски и на началникот на Генералштабот, генерал Лафчиски, за напредокот во модернизацијата и опремувањето на Армијата, обновувањето на воената инфраструктура и подобрувањето на условите за работа, живот и обука на армиските припадници.
Танески посочи дека поддршката за развојот на Армијата е особено важна и за Воената академија, бидејќи овозможува подобрување на образовниот процес и создавање нови генерации офицери подготвени да одговорат на современите безбедносни предизвици.
Од вкупно 34 питомци запишани во 30. генерација, 28 се наменети за потребите на македонската Армија 20 мажи и осум жени, додека шест питомци, четири мажи и две жени, се образуваат за потребите на вооружените сили на Босна и Херцеговина.

