АЛАРМ ОД СУДИИТЕ Судството нема доволно кадар и пари, а реформите остануваат на хартија

Здружението на судиите алармира за влошените услови во правосудството и бара итни системски мерки.

АЛАРМ ОД СУДИИТЕ Судството нема доволно кадар и пари, а реформите остануваат на хартија
Фото: Принтскрин

Здружението на судиите на Македонија го поздрави објавувањето на Годишниот извештај на Судскиот совет за работата на судовите во 2025 година, оценувајќи дека тој реално ја отсликува загрижувачката состојба во судството, особено во однос на недостигот на судии, судски службеници и финансиски средства.

Од Здружението предупредуваат дека недоволната пополнетост на судиските места, недостигот на судска администрација и ограничените буџетски ресурси сериозно ја загрозуваат функционалноста на правосудниот систем и неговата способност навремено да им обезбеди правда на граѓаните.

Особено загрижува фактот што, и покрај најавите за реформи, новите стратегии и измените на законите, условите за работа во судовите континуирано се влошуваат.

„Реформите не смеат да останат декларативни заложби и законски решенија на хартија, туку мора да произведуваат конкретни и мерливи резултати во практиката“, порачуваат судиите.

Од Здружението потсетуваат дека повеќепати досега предупредувале оти без итни, системски и долгорочни решенија постои реална опасност од натамошно слабеење на судскиот систем. Според нив, најновите податоци потврдуваат дека проблемите повеќе не смеат да се одложуваат.

Слични забелешки, како што наведуваат, се содржани и во извештаи на меѓународни организации, мисии и претставници на граѓанскиот сектор. Тие укажуваат дека независноста на судството не се гарантира само со Уставот и законите, туку и со соодветен буџет, професионална администрација и услови за непречено вршење на судиската функција.

Меѓу приоритетните решенија се ревидирање на судската мрежа според реалните потреби на граѓаните, воведување вештачка интелигенција и дигитализација на судските процеси, професионализација на судската служба и обезбедување финансиска независност преку соодветно и предвидливо буџетирање.

Судиите бараат овие препораки да се преточат во конкретни политики, законски решенија и обезбедени финансиски средства. Притоа, нагласуваат дека судиите и судската администрација мора активно да учествуваат во креирањето на реформите, бидејќи најдобро ги познаваат проблемите во секојдневното функционирање на судовите.

И покрај тешките услови, судиите и судовите продолжуваат да ги исполнуваат законските обврски, да решаваат предмети и да вложуваат напори за намалување на заостатокот на нерешени случаи.

Од Здружението посочуваат дека професионалноста, добрата организација и одговорното управување со расположливите капацитети овозможуваат резултати и покрај одливот на кадар, недостигот на судии и зголемениот обем на работа. Според нив, успешните практики треба да се применуваат во целиот судски систем, наместо да зависат од дополнителниот ангажман на поединечни судии и вработени.

Здружението на судиите нагласува дека целта не е обезбедување привилегии, туку создавање услови за достоинствено, независно и ефикасно вршење на уставната функција на судството. Крајната цел на реформите, според нив, мора да биде заштита на правата на граѓаните, навремено решавање на споровите и зголемување на довербата во правосудството.

Затоа, повикуваат на координирана институционална акција, стручни анализи и долгорочна стратегија, ослободена од краткорочни политички цели и декларативни ветувања.

„Правдата не може да биде ефикасна без судии, без професионална судска служба и без соодветни ресурси“, порачуваат од Здружението.

Тие предупредуваат дека судството не смее да биде оставено да функционира на работ на своите можности, додека од него се очекува да ги исполни сите обврски кон државата и граѓаните.

CATEGORIES
Share This