ФУДБАЛСКА ВОЈНА – Барселона најави тужба против Реал Мадрид, одиме на суд
Во фокусот повторно ривалството Барса–Реал и изјавите на Флорентино Перез.

Потпретседателот на Барселона, Рафа Хусте, најави дека клубот ќе преземе правни мерки против Реал Мадрид и неговиот претседател Флорентино Перез, реагирајќи остро на неговите изјави поврзани со „случајот Негреира“.
„Од 600 километри од тука (Мадрид) не можат да ги проголтаат сите овие титули“, изјави Хусте. „Едно е да бидеш љубоморен, а друго да бидеш лут. Веќе кажав кога претседателот на Реал Мадрид нè обвини дека сме купувале титули и дека сме победувале со помош на судиите, дека тоа не е вистина. Дали навистина мислите дека сите трофеи се освојуваат така? Очигледно е дека тој господин не може да го прифати она што го правиме. Нашиот правен тим веќе ги подготвува мерките што ќе ги преземеме против Реал Мадрид и ќе одиме на суд. Никој нема да го наруши името на Барса.“
Хусте се осврна и на повеќе други теми, истакнувајќи дека клубот имал успешна сезона:
„Имавме спектакуларна сезона со одлична игра и ги освоивме домашните трофеи. Ние сме основата на оваа институција, затоа испративме осум играчи во шпанската репрезентација. Многу млади фудбалери добија шанса да се развиваат и созреваат. Освојувањето титули не е лесно, па сакам да им се заблагодарам на Ханси Флик, неговиот стручен штаб, како и на Деко и Бојан за нивната работа во градењето на тимот. Овој состав е стабилен и ќе ни донесе уште многу успеси.“
Тој нагласи и што претставува Барселона во светот на спортот:
„Нашите тимови се силни и конкурентни. Во ракометот постигнуваме извонредни резултати. Ние сме еден од најдобрите мултиспорт клубови во светот во хокеј, кошарка, футсал… Сè уште можеме да освојуваме титули. Сакаме да победуваме, но на вистински начин. Можеби имавме мал пад во ритамот, но сите во клубот се фокусирани на напредок. Клубот планира реорганизација и враќање на кошарката на повисоко ниво. Сега сме во плејоф, додека други се надвор од него.“


