ФИЛИПЧЕ СО ДИРЕКТНО ПРАШАЊЕ ДО МИЦКОСКИ Што му кажавте на гувернерот кога му наредивте да ја пушти Алта банка во Македонија
Лидерот на СДСМ тврди дека премиерот има директна политичка одговорност за влезот на српската Алта банка на македонскиот пазар и за преземањето на домашната банка.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати директно прашање до премиерот Христијан Мицкоски за неговата улога во влезот на српската Алта банка на македонскиот пазар, барајќи да одговори што му кажал на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во врска со одобрувањето на нејзиното работење во Македонија.
На денешната надзорна расправа посветена на причините за воведување администрација во Алта банка АД Битола, улогата на Народната банка и институционалната одговорност, Филипче оцени дека Мицкоски има директна и најголема политичка одговорност за целиот случај.
Тој посочи дека премиерот не може да се дистанцира од случувањата со образложение дека не бил запознаен со банката и нејзиниот сопственик, Давор Мацура, бидејќи, како што рече, за нив јавно се зборува веќе една година.
„Премиере, дозволете да кажам дека имате директна и најголема политичка одговорност за ова што се случи кај нас со Алта банка. Прво за влезот на банката кај нас, понатаму за расплетот којшто следеше по изборите во Србија, притворот на газдата Давор Мацура и блокадата на средствата и парите што нашите граѓани ги имаат во сега Алта банка Македонија“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ нагласи дека постојат сериозни прашања за сопственичката структура, работењето и минатото на Алта банка, поради што, според него, премиерот морал да биде запознаен со случајот.
„Година дена зборуваме за тоа која е Алта банка. Зборуваме за тоа кој е Давор Мацура. Не може вие да не знаете кој е Алта банка и кој е Давор Мацура. Ако вие не знаете или немате информации, не треба и не можете да ја извршувате функцијата којашто ја извршувате. Алта банка е личната банка на Александар Вучиќ“, изјави Филипче.
Тој го опиша Мацура како човек кој започнал со менувачница, а потоа изградил мултимилионска банкарска групација со присуство во регионот. Притоа, се повика на информации за казни и ограничувања со кои, според него, се соочувала банката во други европски земји.
„Давор Мацура е личниот банкар на Александар Вучиќ, човекот којшто почнал од менувачница и направил мултимилионска банка којашто функционира во регионот, казнувана во Европа. Човекот има забрана за влез во Црна Гора. Црногорските власти, гувернерката забрани да дојде таа банка таму. Казнета во Австрија со сума над сто илјади евра поради прикривање на одредени информации“, рече претседателот на СДСМ.
Филипче отвори и прашања за потеклото на капиталот со кој Алта банка го проширила своето работење, повикувајќи се на информации објавувани во српските медиуми. Тој изнесе тврдења за наводни врски на капиталот со криминални активности, корупција, шверц со дрога и руски финансиски средства, обвинувајќи ја македонската власт дека дозволила таква банка да влезе на домашниот пазар и да преземе македонска банка.
„Банка којашто капиталот го стекнува од криминално стекнати пари, корумпирани процеси, шверц со дрога, од руски пари, како што кажуваат медиумите во Србија. Вие дозволивте тука да влезе банка на забранети пари секаде во Европа и светот по почетокот на војната во Украина. Рускиот капитал е секаде забранет. Вие дозволивте Алта банка со такви пари тука да купи наша банка“, изјави Филипче.
Тој предупреди дека политичката и институционалната одговорност, според него, не се однесува само на одлуката за влез на банката, туку и на наводните притисоци врз јавните претпријатија да ги продаваат своите акции во неа. Како дополнителен аргумент, Филипче се повика на изјавата на гувернерот Трајко Славески, за која оцени дека отвора сериозни прашања за влијанието на премиерот врз постапката за влез на Алта банка во Македонија.
„Огромна е вашата политичка одговорност. Гувернерот Трајко Славески беше тој којшто тоа го кажа. Понатаму сте влијаеле преку притисок на јавните претпријатија да продаваат акции на банката. Моето прашање е што точно му кажавте на гувернерот, кога очигледно сте му дале наредба или кога ве прашал што да прави со Алта банка и влезот на таа банка кај нас?“, праша Филипче.
Случајот со Алта банка повторно ја отвори политичката дебата за надзорот врз банкарскиот сектор, улогата на Народната банка и одговорноста на институциите при одобрување на влез на странски финансиски субјекти во Македонија.

