ФИКТИВНИ КРЕДИТИ НА ИМЕ НА ГРАЃАНИ Раководителка на штедилница во Кавадарци осомничена за финансиска измама
Со години наводно ги злоупотребувала депозитите на граѓаните и преку фиктивни кредити прибавувала противправна имотна корист.

Раководителка на филијала на штедилница во Кавадарци е осомничена дека подолг период ги злоупотребувала паричните средства на граѓаните кои имале депозити во установата, преку фиктивни кредити и неправилно евидентирање на нивните вложени пари.
Според информациите од Основното јавно обвинителство Кавадарци, постои основано сомнение дека осомничената реализирала кредити на име на оштетени граѓани без соодветна основа, а истовремено неправилно ги евидентирала нивните депозити, со што прибавувала противправна имотна корист.
Против неа се води постапка за сомневања за повеќе кривични дела: злоупотреба на службената положба и овластување, оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем, како и проневера во службата.
Во рамки на истрагата, вчера, по барање на јавниот обвинител и со судска наредба, биле извршени повеќе претреси. При претресите биле одземени документација и други предмети кои можат да послужат како докази во постапката.
Откако биле откриени сомнителните дејствија, штедилницата ѝ го прекинала работниот однос на осомничената.
Поради опасност од бегство, јавниот обвинител предложил определување мерки на претпазливост. Меѓу нив се одземање на патната исправа и обврска осомничената редовно да се јавува во судот.
Од Обвинителството информираат дека продолжуваат со преземање истражни дејствија со цел целосно да се испита случајот и да се утврдат сите околности поврзани со сомнителните финансиски трансакции.

