ПОЧНУВА ОТКУПОТ НА ТУТУНОТ – 26.000 тони род, тутунарите чекаат повисока цена од 420 денари
Годинашниот род е оценет како квалитетен, а производителите очекуваат повисока откупна цена од ланските 420 денари за килограм.

На прагот е почетокот на откупот на тутунот од годинашната реколта, а тутунарите веќе ги подготвуваат своите производи за предавање на откупните пунктови. Според Сојузот на земјоделските здруженија, дел од десетте регистрирани откупни компании би можеле да започнат со вонреден откуп уште на 17 ноември, додека редовниот откуп официјално треба да започне на 15 декември.
Во тек се завршните подготовки, меѓу кои нострификацијата на мострите тутун и обуката на поверениците кои ќе работат на откупните ваги и пунктови низ државата.
Годинашната реколта се проценува на околу 26.000 тони тутун, а според првичните оценки, станува збор за квалитетен род. Токму квалитетот на тутунот ги зголемува очекувањата кај производителите, кои се надеваат дека просечната откупна цена ќе биде повисока од ланската, кога изнесуваше 420 денари за килограм.
За тутунарите, висината на откупната цена ќе биде еден од најважните фактори за економската исплатливост на годинашното производство.
Македонија и натаму го задржува своето место меѓу значајните производители на ориентален тутун, кој е баран на светскиот пазар. Тутунопроизводството има значајна улога и во домашната економија, а од извозот на тутун државата годишно остварува околу 150 милиони евра девизен прилив.
Со почетокот на откупот, илјадници тутунопроизводители ќе очекуваат конкретна потврда дали квалитетниот род ќе донесе и повисока заработка во споредба со минатата година.

