ФФМ ЈА ПОДРЖА ИДЕЈАТА – Јужната трибина на Градски да го носи името на Васил Рингов

Легендарниот фудбалер останува запаметен како една од најголемите фигури во македонскиот фудбал.

ФФМ ЈА ПОДРЖА ИДЕЈАТА – Јужната трибина на Градски да го носи името на Васил Рингов
Фото: Принтскрин

Името на Васил Рингов наскоро би можело трајно да биде врежано на Националната арена „Тодор Проески“, откако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) официјално ја поддржа иницијативата јужната трибина да го носи името на еден од најголемите македонски фудбалери.

Иницијативата доби силна поддршка од претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, кој порача дека Рингов заслужува трајно признание за својот придонес во македонскиот фудбал.

„Големо име. Ќе стои и ќе одекнува. Засекогаш. Фудбалерите кои оставиле неизбришлива трага во македонскиот фудбал заслужуваат наша трајна почит, признание и сеќавање“, стои во неговата порака.

Со ова, поранешниот ас на Вардар добива признание кое спортската јавност одамна го смета за заслужено. Рингов останува запаметен како една од најголемите фигури во историјата на македонскиот фудбал и симбол на златната ера на Вардар, кога со својата игра ги полнеше стадионите низ поранешна Југославија.

Неговата биографија симболично го носи насловот „Фудбал под сенка“, фраза која и денес повторно се споменува како потсетник дека неговиот придонес не смее да биде заборавен.

Од ФФМ оценуваат дека именувањето на јужната трибина по Васил Рингов претставува значаен чекор кон поголемо почитување на спортските легенди и зачувување на македонската фудбалска историја.

Јужната трибина на Националната арена „Тодор Проески“ е едно од најпрепознатливите места на стадионот, каде со децении се испишуваат најзначајните моменти од македонскиот фудбал.

Според иницијаторите, овој потег би претставувал исправка на историска неправда кон спортските великани, а воедно и траен потсетник за новите генерации за играч кој оставил силен белег во македонскиот фудбал.

CATEGORIES
Share This