ЗАБРАНАТА НЕ ГИ СПРЕЧИ Над 80% од австралиските деца и понатаму се на социјалните мрежи

И покрај историската забрана за корисници под 16 години, најголем дел од децата успеале да ги задржат или повторно да отворат своите профили.

ЗАБРАНАТА НЕ ГИ СПРЕЧИ Над 80% од австралиските деца и понатаму се на социјалните мрежи
Фото: Принтскрин

Повеќе од 80 отсто од австралиските деца на возраст под 16 години и натаму користат социјални мрежи, иако во земјата пред три месеци стапи во сила историската забрана за нивно користење. Ова го покажува најновата анализа на австралискиот регулатор за онлајн безбедност „еБезбедност“ (eSafety), според која технолошките компании не успеале целосно да воспостават ефикасни механизми за проверка на возраста.

Истражувањето покажува дека повеќето деца на возраст од 10 до 15 години и во март продолжиле активно да ги користат социјалните мрежи, речиси во ист обем како и пред 10 декември минатата година, кога забраната стапи во сила. Пред воведувањето на мерката, околу 86 отсто од анкетираните деца користеле најмалку една платформа со старосно ограничување. Три месеци подоцна, тој удел и натаму бил над 81 отсто.

Сепак, регулаторот регистрирал „статистички значителен пад“ кај профилите на YouTube, Snapchat и TikTok. Уделот на децата кои имале профили на овие платформи се намалил од 52 на 42 отсто. И покрај тоа, голем дел од децата под 16 години кои имале профили пред забраната успеале да ги задржат или да отворат нови профили. Од „еБезбедност“ оценуваат дека една од главните причини е недоволно ефикасната проверка на возраста од страна на платформите.

Приближно половина од децата опфатени со истражувањето изјавиле дека ги задржале постоечките профили без платформите соодветно да ја проверат нивната возраст. Други, пак, навеле дека при регистрацијата се претставиле како постари од 16 години. Истражувањето покажало и дека родителите се помалку информирани за онлајн активностите на своите деца по воведувањето на забраната.

Мерката не довела ниту до очекуваните промени во начинот на поминување на слободното време. Според податоците, не е забележано зголемување на спортските и физичките активности, ниту поголем интерес за уметност и музика. Децата не поминувале ниту повеќе време со пријателите и семејството, а не било регистрирано ни почесто учество во активности во заедницата.

Наодите во голема мера ги потврдуваат прелиминарните податоци што „еБезбедност“ ги објави кон крајот на март. Тогаш регулаторот отвори истрага за можно непочитување на прописите од страна на пет големи платформи – Facebook и Instagram на „Мета“, Snapchat, TikTok и YouTube на „Гугл“.

Австралија е првата земја во светот што воведе вакво старосно ограничување, мотивирано од загриженоста за потенцијалните негативни последици од користењето на социјалните мрежи врз децата и младите. Австралискиот модел внимателно го следат и други земји кои размислуваат за воведување слични рестрикции.

Во јуни, австралиската Влада најави дека максималните парични казни за технолошките компании кои не ги почитуваат правилата ќе бидат двојно зголемени. Дополнително, ќе бидат проширени и овластувањата на „еБезбедност“ за прибирање информации од платформите. Извештајот е изработен од меѓународни универзитетски истражувачи, а се темели на споредба на податоци собрани од повеќе од 4.000 деца и нивните семејства – пред воведувањето на забраната и три месеци по нејзиното стапување во сила.

АВСТРАЛИЈА ЈА ПРОШИРУВА ЗАБРАНАТА YouTube под истите правила за деца под 16 години

CATEGORIES
Share This