10 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ДЕПОЗИТИ ВО БАНКИТЕ – 7 милијарди евра штедни влогови од граѓаните
Трендовите укажуваат дека и покрај економските неизвесности, граѓаните продолжуваат да штедат, додека бизнисите сè повеќе бараат финансиска поддршка преку банкарски кредити.

Во април годинава, македонските граѓани продолжиле со трендот на зголемено штедење, депонирајќи дополнителни 132,5 милиони евра во банките. Истовремено, во истиот месец тие подигнале нови кредити во вредност од 26,4 милиони евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка.
На крајот на април, вкупните депозити во банкарскиот систем достигнале 600,9 милијарди денари (околу 9,8 милијарди евра), што претставува месечен раст од 0,4 отсто и годишен пораст од 11,6 проценти. Зголемувањето главно е резултат на засиленото штедење на граѓаните, додека кај корпоративниот сектор е евидентирано намалување од 2,5 отсто. Според податоците, депозити на населението во април достигнале 408,6 милијарди денари (6,65 милијарди евра), што е пораст од два процента во однос на март.
Растот на штедењето е поттикнат од сите категории на депозити – депозитни пари, како и краткорочни и долгорочни депозити во денари и странска валута. На годишно ниво, депонираните средства на граѓаните се повисоки за 12,1 отсто.
Паралелно, раст е забележан и кај кредитирањето. Вкупниот обем на одобрени заеми изнесува 508,5 милијарди денари (над 8,2 милијарди евра), што претставува месечен раст од 0,8 проценти и годишен од 11,8 проценти. Кај домаќинствата, задолженоста изнесува 256,3 милијарди денари (4,16 милијарди евра), со раст од 0,6 отсто месечно и 9,8 отсто на годишно ниво.
Најголема побарувачка и натаму има за потрошувачки кредити, кои изнесуваат 132 милијарди денари (2,14 милијарди евра), со раст од 0,9 проценти месечно и 9,1 проценти годишно. Станбените кредити се на второ место со 98,5 милијарди денари (1,6 милијарди евра), а растот изнесува 1,1 отсто месечно и 14 проценти годишно.
Иако во изминатите месеци имаше тренд на намалување кај задолжувањето преку кредитни картички, во април е забележан мал раст од 0,3 отсто. Сепак, на годишно ниво овој вид задолжување е намален за 7,9 проценти. Слична е состојбата и кај дозволеното пречекорување на тековните сметки – месечно опаѓање од 9,3 проценти, но со годишен раст од 0,1 отсто. Кредитите одобрени по други основи продолжуваат да паѓаат – за 2,3 проценти месечно и 9 проценти годишно.
Што се однесува на корпоративниот сектор, вкупните депозити на фирмите се намалиле на 166,6 милијарди денари (2,7 милијарди евра), главно поради падот на краткорочните девизни и долгорочните денарски депозити. Сепак, на годишно ниво, има раст од 12 проценти.
Побарувачката за кредити кај компаниите е во пораст – за еден процент месечно, што ги доведе вкупните деловни заеми на 249,5 милијарди денари (4,05 милијарди евра). Растот на годишно ниво изнесува значителни 14,1 процент. Компаниите сè почесто земаат кредити во денари, додека кај девизните кредити е забележан пад.
Трендовите укажуваат дека и покрај економските неизвесности, граѓаните продолжуваат да штедат, додека бизнисите сè повеќе бараат финансиска поддршка преку банкарски кредити.

