ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО СТИВ НАУМОВ Откорнат радијатор, затната канализација и аларми поради цигари

Министерството за образование откри низа несекојдневни инциденти во реконструираниот студентски дом во Скопје – од влажни марамици што ја затнале канализацијата до активирани противпожарни аларми и автомобили паркирани на зелените површини.

ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО СТИВ НАУМОВ Откорнат радијатор, затната канализација и аларми поради цигари
Фото: Принтскрин

Низа несекојдневни инциденти се регистрирани во реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје. По информациите за затната канализација поради фрлање влажни марамици, Министерството за образование и наука (МОН) открива дека раководството на домот се соочило и со други проблеми поврзани со користењето на објектот.

Меѓу евидентираните случаи се откорнат радијатор, активирање на противпожарниот аларм во два наврати, како и непрописно паркирање автомобили на зелените површини во дворот на студентскиот дом.

Според информациите од МОН, противпожарниот алармен систем се активирал двапати, и тоа поради различни ситуации. Во првиот случај, причина била храна оставена во вклучена микробранова печка во чајната кујна, додека во вториот алармот се активирал поради запалена цигара во студентска соба.

„Раководството на домот се соочи со запушена канализација поради фрлени влажни марамици, активиран алармен систем поради заборавена храна во вклучена микробранова печка во чајна кујна, како и поради запалена цигара во соба, откорнат радијатор и паркирани автомобили на зелени површини“, наведуваат од Министерството.

Од Министерството појаснуваат дека не сите проблеми што се појавуваат во реконструираниот објект треба автоматски да им се припишуваат на студентите. Како што посочуваат, одредени технички недостатоци можат да се појават и при нормално користење на просториите и опремата, без притоа да постои човечка неодговорност. Сепак, дел од регистрираните ситуации, според МОН, укажуваат на можноста за несоодветно користење на заедничките простории и инвентарот.

Министерството информира дека реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ сè уште е во гарантниот период, што значи дека изведувачот има обврска да интервенира кога ќе бидат утврдени недостатоци опфатени со гаранцијата. Од МОН повторно упатуваат апел до студентите внимателно да ја користат опремата, да ги почитуваат правилата за престој и да се грижат за заедничките простории.

Одговорното однесување, нагласуваат од Министерството, е неопходно за зачувување на условите во обновениот студентски дом и за спречување непотребни оштетувања и дополнителни проблеми.

CATEGORIES
Share This