ХАОС ВО АЛБАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ Пратеници се степаа, летаа вода и документи, опозицијата бара оставка од Рама (видео)

Жестока пресметка меѓу власта и опозицијата во Тирана по обвинувањата за полициска бруталност врз демонстрантите.

ХАОС ВО АЛБАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ Пратеници се степаа, летаа вода и документи, опозицијата бара оставка од Рама (видео)
Фото: Принтскрин

Вистински хаос се случи во албанскиот парламент, кога жестоката расправија меѓу власта и опозицијата прерасна во физичка пресметка. Инцидентот се случил во услови на зголемени политички тензии и повеќедневни антивладини протести во Тирана, на кои демонстрантите бараат оставка од премиерот Еди Рама.

Опозициските пратеници ја обвинија владата за прекумерна употреба на полициска сила против демонстрантите, по што се обидоа да го блокираат продолжувањето на парламентарната седница.

За време на закажаното гласање, група опозициски пратеници се собраа пред претседавачкото место и побараа одложување на седницата поради немирите во главниот град. Опозициските пратеници носеа фотографии на кои, според нивните тврдења, се гледаат повредите на демонстрант кој наводно бил претепан од полицијата.

Во еден момент кон претседателот на парламентот биле фрлени вода и документи, по што дошло до физичка пресметка меѓу пратениците од спротивставените политички табори. Инцидентот дополнително ја вжешти атмосферата во законодавниот дом, каде што и во минатото се случувале слични конфронтации меѓу власта и опозицијата.

Лидерот на Демократската партија и поранешен премиер Сали Бериша изјави дека опозицијата застанува зад барањата на студентите.

„Пратениците од опозицијата денес одлучија да станат глас на барањата на студентите“, порача Бериша.

Од владејачката Социјалистичка партија возвратија со обвинувања дека опозицијата се обидува политички да ги искористи немирите. Пратеникот Пиро Венгу на социјалните мрежи ја обвини опозицијата дека настојува да ги искористи протестите како средство за враќање на власт.

Додека во парламентот се случувале турбулентни сцени, неколку стотици демонстранти се собрале пред зградата на законодавниот дом во Тирана. За време на протестот во четвртокот не биле регистрирани поголеми судири, додека претходната вечер на улиците на главниот град биле забележани само помали инциденти.

Студентското протестно движење најави нов национален митинг за сабота, со барања за поголема поддршка на образованието и оставка на премиерот Еди Рама. Демонстрантите ја обвинуваат владата за корупција и незадоволство од начинот на управување со државата.

Според објавените информации, во досегашните судири се повредени повеќе од 300 лица, меѓу кои и голем број полициски службеници, додека десетици демонстранти биле приведени.

Антивладините протести во Албанија, според објавените информации, започнале во мај, поттикнати од контроверзниот проект за изградба на туристички комплекс поврзан со семејството на американскиот претседател Доналд Трамп.

Незадоволството постепено прераснало во пошироко протестно движење, во кое студентите и опозициските групи бараат политичка одговорност, подобри услови во образованието и оставка од Рама. Новите инциденти во парламентот дополнително ја продлабочуваат политичката криза, додека најавениот саботен протест би можел да претставува нов тест за албанската влада.

CATEGORIES
TAGS
Share This