ФАЛСИФИКУВАЛЕ ПОТПИС Заверувале лажни договори кај нотар и земале автомобили

Четири лица опфатени со истрага на Обвинителството за организиран криминал.

ФАЛСИФИКУВАЛЕ ПОТПИС Заверувале лажни договори кај нотар и земале автомобили
Фото: Принтскрин

Позајмувале пари, наплаќале огромни камати, а потоа со закани ги принудувале жртвите да им даваат уште пари и имот! Четири лица се под истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поради сомнение дека биле дел од злосторничко здружение кое од 2021 година вршело изнуда и перење пари.

За тројца осомничени е доставен предлог за определување притвор до судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје, додека четвртиот веќе извесен период се наоѓа надвор од државата.

Според Обвинителството, групата ја формирал првоосомничен од Куманово, а нејзините членови со груби закани изнудувале пари од лица кои претходно позајмувале средства од нив, искористувајќи ја нивната финансиска зависност.

Еден од случаите опфатени со истрагата открива како функционирал наводниот механизам на групата. Жена побарала заем од 4.000 евра од првоосомничениот, со договор да ги врати за еден месец, плус 2.500 евра камата. Иако ги исплатила сите договорени средства, осомничениот побарал да ја користи нејзината банкарска сметка за префрлање пари прибавени со изнуда.

Откако таа одбила, започнале заканите и притисоците. Од неа барале да го стави автомобилот како наводен залог за фиктивни долгови. По налог на осомничениот биле изготвени фиктивен договор за купопродажба на возилото и договор за заем од еден милион денари. На документите бил фалсификуван потписот на жената, а договорите биле заверени кај нотар без нејзино знаење.

Нотарот кој ги заверил спорните документи е осомничен за несовесно работење во службата. За него до судот е доставен предлог за определување мерки на претпазливост. Со помош на ваквите документи, осомничените продолжиле да ѝ се закануваат на жената, барајќи да го предаде автомобилот и да го исплати наводниот долг.

Врз основа на договорите, сопственоста на возилото била префрлена на еден од осомничените, а жената на крајот била принудена да им го исплати и наводниот паричен долг.

Втор случај опишан во истрагата се однесува на маж кој во 2021 година двапати позајмил по 180.000 денари од наводниот организатор на групата. Парите му биле потребни за лекување на сопругата. Иако ги вратил позајмените средства согласно договорите, осомничените продолжиле да бараат дополнителни исплати на име камата.

Според Обвинителството, искористувајќи ја неговата финансиска зависност, го принудиле да ја користат неговата банкарска сметка за префрлање големи суми пари прибавени со изнуда. Трансакциите биле прикажувани како формални заеми, по што парите биле извлекувани во готовина.

Истрагата треба да утврди целосен обем на наводните криминални активности и одговорноста на секој од осомничените.

CATEGORIES
Share This