ЕВРОПА СТАРЕЕ, ЕНЕРГИЈАТА СТАНУВА ЗЛАТО – Новата балканска битка за иднината
Премиерот предупреди на порастот на радикализмот и најави регионално енергетско поврзување

Европската перспектива на Западен Балкан, демографската криза, миграцијата и глобалните енергетски предизвици поврзани со развојот на вештачката интелигенција беа во фокусот на денешната конференција на Паневропска Унија на Македонија, одржана во Скопје.
Во своето обраќање, премиерот Христијан Мицкоски стави силен акцент на длабоките геополитички и економски промени со кои се соочува Европа, предупредувајќи на порастот на радикализмот, но истовремено најави и нова регионална иницијатива за енергетско поврзување на земјите од Западен Балкан.
Анализирајќи ги негативните демографски трендови во Европа, Мицкоски оцени дека падот на наталитетот и стареењето на населението директно ја поттикнуваат миграцијата, често и нелегална, што пак создава простор за политички екстремизам.
Според него, појавата на популистички политички структури од крајната левица до крајната десница и дополнително ја продлабочува радикализацијата во европските општества, што претставува сериозна закана за стабилноста на континентот.
Тој укажа и на парадоксот со кој се соочува Европа: од една страна, постои силна потреба од работна сила, а од друга интеграцијата на мигранти од различни културни и општествени средини создава сериозни предизвици и тензии.
Во вториот дел од своето излагање, премиерот се осврна на технолошката револуција предводена од вештачката интелигенција, нагласувајќи дека нејзиниот развој е директно условен од огромна побарувачка за електрична енергија.
Според неговите проценки, во следната деценија светот ќе има потреба од дополнителни 40.000 теравати нови инсталирани енергетски капацитети и бројка што, како што посочи, е еквивалентна на вкупниот капацитет на САД, Канада, Европската Унија и Јапонија денес.
Со цел регионот да не остане надвор од овој глобален инвестициски бран, Мицкоски ја најави иницијативата „Skopje Electricity Connectivity Initiative“, која има за цел заеднички настап на шесте земји од Западен Балкан пред големите енергетски инвеститори.
Тој оцени дека и минимално учество од 0,1 отсто во глобалните енергетски инвестиции би значело потенцијал од околу 400 милијарди долари за регионот во наредните десет години и средства кои би можеле суштински да ја трансформираат економијата и инфраструктурата.
Премиерот го заврши своето обраќање со остра порака дека пред земјите од Западен Балкан стои јасен избор дали ќе ги искористат историските можности за трансформација или ќе останат заробени во, како што рече, „балканското политичко мочуриште“, препуштајќи им ја сопствената иднина на други.


