ШОКАНТЕН СЛУЧАЈ ВО МАКЕДОНИЈА Бебе предадено за 500 евра, шест лица под истрага

МВР откри организирана шема за заобиколување на законската процедура за посвојување.

ШОКАНТЕН СЛУЧАЈ ВО МАКЕДОНИЈА Бебе предадено за 500 евра, шест лица под истрага
Фото: Принтскрин

Поднесена е кривична пријава против шест лица од Скопје, Куманово и Тетово, осомничени за организирање и реализирање незаконско посвојување на новороденче.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, во текот на 2024 и 2025 година, две од осомничените лица, користејќи ја својата улога во згрижувањето деца и контактите со заинтересирани брачни парови, воспоставиле шема за заобиколување на законската постапка за посвојување предвидена со Законот за семејство.

Истрагата покажала дека тие таргетирале родители кои се наоѓале во тешка материјална и социјална состојба и не биле во можност да се грижат за своите новородени деца. Притоа, ги убедувале да се согласат на незаконско посвојување во замена за паричен надомест и други бенефиции.

Во конкретниот случај, осомничените успеале да убедат жена од Куманово и нејзиниот вонбрачен партнер од Тетово да го предадат своето новороденче, за што им била ветена финансиска помош од 500 евра и бесплатни гинеколошки прегледи.

По излегувањето од болница, мајката и бебето биле пренесени во домот на една од осомничените, каде што пристигнал брачен пар кој го презел новороденчето и го однел во својот дом.

Според МВР, за прикривање на трансакцијата на 17 октомври 2025 година бил склучен договор за заем од 500 евра, а средствата истиот ден му биле исплатени на таткото на детето како надомест за незаконското посвојување.

По преземените мерки, на сите шест осомничени лица од страна на судија на претходна постапка им е определена мерка домашен притвор.

CATEGORIES
TAGS
Share This