ЕУ, ЈАЗИК И СКАНДАЛИ – Филипче ја „раздрма“ власта со сериозни обвинувања
Уставните измени не го загрозуваат идентитетот, туку ја зајакнуваат кохезијата, тврди СДСМ.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче упати остри критики кон владата и премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи ги дека свесно го кочат европскиот пат на државата заради, како што рече, заштита на сопствени „криминални интереси“. Тој нагласи дека вметнувањето на малцинствата во Уставот не го загрозува македонскиот идентитет, туку напротив придонесува за поголема општествена кохезија.
Филипче порача дека вистинската причина за отпорот кон уставните измени е политичка, а не суштинска, тврдејќи дека власта се плаши од европскиот систем на контрола и од, како што рече, „крај на наместените тендери и политичко влијание врз институциите“.
Во однос на европската интеграција и односите со Бугарија, тој истакна дека Македонија преговара со Европската Унија, а не со поединечни држави. Според него, обврските се дефинирани во европската преговарачка рамка, која е прифатена од сите земји-членки, вклучително и Бугарија. Тој додаде дека во документите јасно е наведен македонскиот јазик.
Филипче се осврна и на изборот на Румен Радев за премиер во Бугарија и неговите претходни ставови, повторувајќи дека тие не го менуваат фактот дека процесот со ЕУ е институционален и се води со Брисел.
Во продолжение, лидерот на СДСМ го обвини Мицкоски дека во минатото давал ветувања за поништување на Преспанскиот договор и договорот со Бугарија, кои сега не се исполнети, оценувајќи дека тие изјави биле политички маневри за доаѓање и останување на власт.
Дополнително, Филипче реагираше на тезите дека македонскиот јазик е загрозен, истакнувајќи дека тој веќе е потврден во комуникацијата со ЕУ. Како пример го наведе договорот со Фронтекс од 2022 година, потпишан на македонски јазик без фусноти или дополнителни објаснувања, што според него претставува јасна потврда за неговиот статус.
Тој потсети дека тогаш Европската комисија го оценила потпишувањето како значаен чекор, бидејќи договорот е користен во официјална форма на македонски јазик.
Филипче заклучи дека власта ја користи темата за јазикот и идентитетот за политички цели, додека вистинскиот проблем, според него, е застојот во реформите и европските интеграции на државата.
