ЕРДОГАН СО КРИТИКА ПО СИСТЕМОТ НА ОН Укинете го ветото во Советот за безбедност

Турскиот претседател бара нов светски поредок и поголема улога за сите региони во одлучувањето.

ЕРДОГАН СО КРИТИКА ПО СИСТЕМОТ НА ОН Укинете го ветото во Советот за безбедност
Фото: Принтскрин

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган оцени дека Обединетите нации треба да го укинат правото на вето во Советот за безбедност, оценувајќи дека актуелниот систем повеќе не одговара на современите глобални предизвици.

Во авторски текст објавен во „Блумберг“, Ердоган посочи дека пандемијата на Ковид-19, енергетската криза, нарушувањата во синџирите на снабдување и бројните регионални конфликти покажале дека решавањето на глобалните кризи не може да зависи од одлуките на „неколку престолнини“.

„Прилагодувањето на глобалните механизми за донесување одлуки на современите околности повеќе не може да се одложува“, порача Ердоган.

Според него, Советот за безбедност на ОН и натаму ја одразува структурата создадена по Втората светска војна, поради што е потребен поефикасен, поправеден и поодговорен модел на претставување.

Турскиот претседател смета дека реформата не треба да се сведе само на проширување на претставеноста, туку и на „фер распределба на раководните одговорности“.

Ердоган истакна и дека во справувањето со глобалните и регионалните предизвици мора да бидат вклучени „искуството, капацитетот и волјата на различните региони“.

Неговите оценки повторно го отвораат прашањето за реформата на Советот за безбедност на ОН и улогата на правото на вето, кое го имаат петте постојани членки – САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција.

CATEGORIES
Share This