ЕНЕРГЕТСКИОТ ПРЕСВРТ ДОАЃА Феро Инвест открива како батериите ја менуваат енергетиката
Инженерите на ФЕРО ИНВЕСТ и ЕМС ги претставија техничките и економските аспекти на интеграцијата на батериските системи со фотоволтаичните централи и обновливите извори.

ФЕРО ИНВЕСТ и ЕМС (Energy Maintenance Solutions) учествуваа на Меѓународната конференција „ЕНЕРГЕТИКА 2026“ во Струга, организирана од ЗЕМАК, каде што во фокусот на стручниот придонес беа батериските системи за складирање електрична енергија и нивната интеграција со производството од обновливи извори.
Во рамките на конференциската програма, Стефани Георгиевска, електроинженер во Секторот Солар во ФЕРО ИНВЕСТ, го презентираше стручниот труд „Интеграција на систем за складирање на електрична енергија во фотоволтаична централа – техничка и економска анализа“.
Трудот се темели на конкретен проект реализиран од ФЕРО ИНВЕСТ – изведена фотоволтаична централа со интегриран батериски систем. Преку практичен пример беа анализирани техничките и економските аспекти на интеграцијата на ваквите системи.
Презентацијата овозможи споделување на реални инженерски искуства и податоци од веќе имплементирано решение, особено во услови на растечко производство од обновливи извори и потреба од поефикасно складирање и користење на електричната енергија во периодите кога таа е најпотребна.
Батериите како дел од сигурен енергетски систем
На темата се дискутираше и во рамките на панел-дискусијата „Од обновлива кон сигурна енергија: Како складирањето ја менува енергетската иднина“, на која учествуваше Војдан Андонов, раководител на Секторот Солар во ФЕРО ИНВЕСТ.
Во фокусот на панелот беа улогата на складирањето на електричната енергија, интеграцијата на батериските системи со обновливите извори и нивното значење за поголема флексибилност и сигурност на електроенергетскиот систем.
ФЕРО ИНВЕСТ во изминатиот период го развива својот инженерски капацитет во областа на батериските системи, опфаќајќи го целиот процес – од анализа и проектирање, избор и димензионирање на системот, до изведба, интеграција, пуштање во работа, мониторинг и одржување.
Со ваквиот пристап, батериските системи се третираат како интегрален дел од енергетското решение, а не само како дополнителна опрема на фотоволтаичната централа.
На конференцијата ФЕРО ИНВЕСТ и компаниите од групацијата беа претставени и преку изложбен штанд, додека ЕМС (Energy Maintenance Solutions) беше и спонзор на настанот.
ЕМС е македонска компанија од групацијата ФЕРО ИНВЕСТ, специјализирана за изведба на енергетски објекти, технички прегледи, испитување, анализа и одржување, обезбедувајќи стручна поддршка во различни фази од животниот циклус на енергетските објекти.
Со учеството на „ЕНЕРГЕТИКА 2026“, инженерите на ФЕРО ИНВЕСТ беа дел од стручната размена на знаење и искуство за технологиите и решенијата кои добиваат сè поголемо значење со развојот на обновливите извори и потребата од нивна сигурна и ефикасна интеграција во електроенергетскиот систем.

