МАКЕДОНСКОТО ПИВО ПРАВИ БУМ За 7 месеци извезовме повеќе отколку во цела 2025 година
Македонија за само седум месеци извезла 7,1 милиони литри пиво, додека увозот е 3,08 милиони литри – Косово и Албанија остануваат главни извозни пазари.

Македонската пиварска индустрија годинава бележи значителен пресврт во надворешно-трговските резултати. Во првите седум месеци од 2026 година, Македонија извезла 7.105.529 литри пиво, што е повеќе од вкупниот извоз остварен во цела 2025 година, кога биле извезени 6,15 милиони литри. Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари–јули годинава извозот достигнал вредност од 5,63 милиони евра, додека увезени се 3.080.359 литри пиво во вредност од 2,13 милиони евра.
Тоа значи дека по количина извозот е повеќе од 2,3 пати поголем од увозот, а по вредност разликата е околу 2,6 пати во корист на извозот.
Минатата година сликата била значително поинаква. Во 2025 година во Македонија биле увезени околу 12,6 милиони литри пиво, додека извозот изнесувал 6,15 милиони литри. Со резултатите од првите седум месеци годинава, трговијата со пиво бележи целосен пресврт – од значителен дефицит во 2025 година кон трговски суфицит во 2026 година. Косово и Албанија остануваат најзначајни пазари за македонското пиво, а регионалните пазари на Западен Балкан го носат најголемиот дел од извозот.
Во 2025 година Македонија произвела 659.980 хектолитри пиво, што претставува пад од 5,7 проценти во споредба со 2024 година, кога производството изнесувало 700.025 хектолитри. Долгорочните статистички податоци покажуваат дека производството на пиво во периодот 2007–2025 година се движи со умерени осцилации. Рекордот е забележан во 2019 година, со производство од 738.396 хектолитри, додека најниското производство било во 2011 година – 611.836 хектолитри.
Во 2025 година Македонија увезла повеќе од 12,5 милиони литри пиво, во вкупна вредност од 9,4 милиони евра. Просечната увозна цена изнесувала околу 0,76 евра за литар. Пет земји обезбедувале околу 74 проценти од вкупниот увоз: Полска со 22,5 проценти, Србија со 19,5 проценти, Романија со 11,8 проценти, Грција со 10,6 проценти и Германија со 9,2 проценти. Највисока просечна цена на увезеното пиво била забележана кај пивото од Ирска – 2,1 евро за литар, потоа Мексико со 1,64 и Словенија со 1,19 евра.
Во 2025 година Македонија извезла повеќе од 6 милиони литри пиво, со вкупна вредност од 4,3 милиони евра. Косово било убедливо најважен извозен пазар, со околу 70 проценти од вкупниот извоз, додека заедно со Албанија овие два пазари учествувале со речиси 93 проценти од целокупниот македонски извоз на пиво.
Македонското пиво се извезува и во земји од Европската Унија, меѓу кои Малта, Хрватска, Австрија, Германија, Полска и Словенија, но во значително помали количини. Доколку трендот од првите седум месеци продолжи и до крајот на годината, 2026 година би можела да биде една од најуспешните години за надворешно-трговските резултати на македонското пиво во последниот период, со значително зголемен извоз и позитивен трговски биланс.

