МИЦКОСКИ: 12:05 ГО НАВРЕДИ НАРОДОТ УШТЕ СО ПРВИОТ НАСТАП Немаат втора шанса за прв впечаток
Премиерот оцени дека платформата ја потценила интелигенцијата на граѓаните, додека за опозицијата порача дека Македонија има потреба од силен политички противник

Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ ја пропуштила можноста да остави позитивен прв впечаток, бидејќи со своите пораки ги потценува граѓаните, оцени премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МТВ. Мицкоски се осврна на тврдењата дека граѓаните гласаат за ВМРО-ДПМНЕ затоа што немаат друга опција, оценувајќи дека ваквиот став претставува потценување на народот.
„Јас жалам што дури и оваа алтернатива којашто се претставува како алтернатива на опозицијата, повторно го потценува народот и го навредува со тоа што го прави кусоглед“, рече Мицкоски.
Според него, тврдењето дека граѓаните ја поддржуваат власта затоа што „немаат избор“ е проблематична порака од нова политичка група која сака да се наметне како алтернатива. Мицкоски оцени дека првиот настап е особено важен за секоја нова политичка иницијатива.
„Во животот и во политиката немате втора шанса за прв впечаток“, порача тој, додавајќи дека доколку ова е првиот впечаток на групата која се нуди како алтернатива на актуелното раководство на СДСМ, тогаш според него таа ја пропуштила првата можност.
Во однос на прашањето дали членовите на платформата се платени од власта и дали преку неа се создава обид за преземање на СДСМ, Мицкоски рече дека не сака да се меша во внатрешните работи на опозициската партија. Сепак, нагласи дека на Македонија ѝ е потребна силна опозиција која ќе води сериозна политичка дебата со Владата. Според него, во моментов таква дебата недостига.
Осврнувајќи се на опозициската коалиција предводена од ДУИ, Мицкоски ја опиша како составена од „стари, истрошени структури“, за кои, како што рече, граѓаните веќе имаат повеќегодишно политичко искуство.
Говорејќи за Левица, премиерот рече дека и таа е опозициска партија, но оцени дека во периодот кога имала можност да покаже што може преку институциите во Град Скопје, не оставила впечаток. За СДСМ, пак, Мицкоски рече дека актуелното раководство секојдневно излегува со нови обвинувања и ги претставува како скандали. На крајот, премиерот порача дека слабоста или хаотичноста на опозицијата не смее да ја опушти власта.
„Ние треба уште повеќе да дадеме, затоа што не смееме да ја изневериме довербата којашто ја имаме од граѓаните“, рече Мицкоски.

