ЕКСПЛОЗИВНИ ТВРДЕЊА – 250.000 записи како клучен доказ во случајот
Обвинение за одавање службена тајна и компјутерски фалсификат.

Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, денеска пред судот категорично ги негираше обвиненијата за одавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
„Ја разбирам содржината, но не го признавам делото и не се чувствувам виновна. Не сум сторила ништо од тоа за што сум обвинета“, изјави Димитровска.
Таа посочи дека моментално работи во Државниот завод за ревизија како помошник на државниот главен ревизор.
Според обвинението, таа наводно одала службена тајна на Небојша Стојановиќ, поранешен директор на ТЕЦ Неготино, кој е обвинет во предметот „Адитив“. Дополнително, се товари и за компјутерски фалсификат, бидејќи, како што тврди обвинителството, ревизорот Миле Столевски го полагал тестот за безбедносен сертификат во нејзино име.
На обвинителната клупа, покрај Димитровска, се најдоа и Столевски, како и Билјана Петровска-Мантева од ТЕЦ „Неготино“, која исто така се гони за одавање службени тајни. Сите изјавија дека не се чувствуваат виновни.
Одбраната, предводена од адвокатот Владимир Туфегџиќ, побара повлекување на обвинението, со образложение дека информациите за кои се води постапката биле презентирани на јавни седници на ДКСК, кои биле достапни за јавноста.
„Ниту еден документ разгледуван на јавна седница немал ознака за службена тајна. Во однос на сертификатот, пресудни се безбедносните проверки на Агенцијата за национална безбедност, а не самиот тест“, истакна Туфегџиќ, најавувајќи сведоци од АНБ и ДКСК.
Јавната обвинителка Наташа Поп Трајкова реагираше на ваквите наводи, барајќи од судот да не дозволи коментари од одбраната пред изведување на доказите. Таа нагласи дека обвинителството располага со обемни материјални докази, меѓу кои и анализа на речиси 250.000 електронски записи од мобилниот телефон на Димитровска.
Судењето продолжи со читање на потврдите за одземени предмети од претресите, додека следното рочиште е закажано за 16 април 2026 година.
