СВЕДОКОТ ПАК НЕ ДОЈДЕ, БИЛ НА ПАТУВАЊЕ ВО СТРАНСТВО – Се спасува ли Груевски од пресуда?
Можен пресврт ако Груевски се врати и судењето би почнало одново.

Нов обвинител го презеде случајот „Талир 2“, кој сега се води само против поранешниот премиер Никола Груевски и политичката партија. На денешното рочиште се појави обвинителот Кристијан Смилевски, кој го замени досегашниот носител на предметот, Ленче Ристоска. Таа поднесе оставка откако републичкиот јавен обвинител Ненад Савески ѝ ги одзеде предметите „Талир 1“ и „Талир 2“.
Смилевски изјави дека веќе го проучил случајот и изрази надеж дека постапката ќе заврши пред да настапи застарување, кое се очекува кон крајот на август. Сепак, и ова рочиште беше одложено, бидејќи по трет пат не се појави сведокот на одбраната, поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски. Според одбраната, тој во моментов се наоѓа на семејно патување во странство, за што биле доставени авионски билети како доказ.
Следното рочиште е закажано за 30 април, кога се очекува Божиновски да даде исказ. Во меѓувреме, доколку Груевски се врати во земјата, има право да побара повторување на судењето, што би значело почеток на процесот одново.
Покрај „Талир 2“, на Груевски му се суди и во „Талир 1“. Иако едно од делата веќе застаре, делото поврзано со „перење пари“, според претходните толкувања, застарува дури во 2035 година. Во рамки на овие предмети, и натаму се замрзнати седиштето на партијата и други нејзини објекти.
