ГОЛЕМА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА ВО СКОПЈЕ, ТЕТОВО И ГЕВГЕЛИЈА Уапсени 6 лица, се трага по уште осомничени

Претреси на повеќе од 10 локации – полицијата трага по група осомничена за криумчарење лекови и суплементи, поткуп и перење пари; меѓу осомничените наводно има и вработени во Царинската управа.

ГОЛЕМА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА ВО СКОПЈЕ, ТЕТОВО И ГЕВГЕЛИЈА Уапсени 6 лица, се трага по уште осомничени
Фото: Принтскрин

Во тек е голема полициска акција во Скопје, Чаир, Тетово и Гевгелија, насочена кон разбивање на криминална група осомничена за криумчарење и нелегална трговија со лекови, медикаменти и суплементи, како и за коруптивни кривични дела.

Според првичните и неофицијални информации, досега се приведени шест лица, а полицијата трага по уште неколкумина осомничени. Меѓу лицата опфатени со истрагата, според информациите, има и вработени во Царинската управа.

Полициски екипи вршат претреси на повеќе од десет локации во Скопје, Чаир, Тетово и Гевгелија.

Во Скопје и Тетово, при претреси во правни субјекти, полицијата пронашла магацин со различни видови медицински лекови, како и машина за екстракција на масло.

Акцијата ја спроведува Одделот за сузбивање на организиран криминал при Бирото за јавна безбедност во рамки на МВР. Постапката е поврзана со сомненија за криумчарење, повреда на права од индустриска сопственост, давање и примање поткуп и перење пари.

Се очекуваат дополнителни информации од Министерството за внатрешни работи во текот на денот.

CATEGORIES
Share This