ДЗР НАЈДЕ СЛАБОСТИ ВО ДПИ Новото раководство тврди дека расчистува што затекнало

Ревизијата откри слабости во работењето на Инспекторатот, раководството најавува промени.

ДЗР НАЈДЕ СЛАБОСТИ ВО ДПИ Новото раководство тврди дека расчистува што затекнало
Фото: Принтскрин

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) соопшти дека презема мерки за надминување на утврдените слабости во работењето, откако актуелното раководство побарало независна ревизија од Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски, посочува дека ревизорскиот извештај се однесува на работењето на Инспекторатот во 2023 и 2024 година.

Според него, по стапувањето на должност, раководството ги согледало дел од недостатоците и предизвиците со кои се соочува институцијата, поради што било побарано целосно и независно утврдување на состојбата.

Од ДПИ наведуваат дека уште во 2025 година започнале активности за спроведување на препораките и отстранување на утврдените недостатоци. Мерките опфаќаат зајакнување на човечките капацитети, подобрување на финансиската и материјалната евиденција, како и унапредување на инспекциските постапки.

Посебно внимание се посветува на кадровското екипирање, имајќи ги предвид широките надлежности на ДПИ и обемот на инспекциските надзори.

Инспекторатот, со поддршка од Европската Унија, работи и на ново системско-софтверско решение што треба да ги опфати сите работни процеси и да придонесе за поголема дигитализација и ефикасност.

Паралелно се преземаат мерки за подобрување на финансиското и материјалното работење, евиденцијата и управувањето со средствата и предметите. Предвидено е и зајакнување на капацитетите за контрола на безбедноста на производите, како и создавање услови за континуирани лабораториски испитувања.

Од ДПИ нагласуваат дека ревизорскиот извештај се однесува на периодот 2023–2024 година, додека активностите за надминување на утврдените слабости се започнати во 2025 година.

Инспекторатот најавува дека ќе продолжи со спроведување на препораките на ДЗР и со мерки за унапредување на своето работење.

ДЗР АЛАРМИРА ЗА СЕРИОЗНИ СЛАБОСТИ ВО ДРЖАВНИОТ ПАЗАРЕН ИНСПЕКТОРАТ Нема инспектрои за повеќе од 28 илјади контроли

 

CATEGORIES
Share This