ДЗР АЛАРМИРА ЗА СЕРИОЗНИ СЛАБОСТИ ВО ДРЖАВНИОТ ПАЗАРЕН ИНСПЕКТОРАТ Нема инспектрои за повеќе од 28 илјади контроли

За надминување на утврдените слабости, ревизорите препорачуваат зајакнување на човечките ресурси, воспоставување електронски регистри и информациски систем за управување со инспекциските надзори, подобрување на финансиската и материјалната евиденција и унапредување на инспекциските постапки.

ДЗР АЛАРМИРА ЗА СЕРИОЗНИ СЛАБОСТИ ВО ДРЖАВНИОТ ПАЗАРЕН ИНСПЕКТОРАТ Нема инспектрои за повеќе од 28 илјади контроли
Фото: Принтскрин

Државниот завод за ревизија утврдил низа сериозни неправилности и слабости во работењето на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), поради што за финансиските извештаи за 2024 година изразил неповолно мислење, додека за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики дал мислење со резерва.

Ревизорите констатирале недостиг од инспектори, непополнети раководни позиции, неправилности при распоредувањето на вработените, невоспоставени електронски регистри и информациски системи, нецелосна материјална евиденција, како и ризици поврзани со чувањето на одземените предмети.

Над 28 илјади инспекциски надзори со само 148 инспектори

Во текот на 2024 година ДПИ извршил вкупно 28.263 инспекциски надзори. Од нив, 21.108 биле редовни, 5.106 вонредни, а 2.049 контролни надзори.

Овие активности ги спроведувале само 148 инспектори, односно 47 отсто од вкупно 313 систематизирани работни места за инспектори.

Според ДЗР, недоволниот број инспектори, како и тенденцијата за нивно намалување, директно влијаат врз способноста на ДПИ да ги реализира планираните контроли и законските надлежности.

Дополнително, пет одделенија во текот на периодот на ревизијата функционирале без раководители.

Распоредувања без обезбедени средства

Ревизорите утврдиле неправилности и при распоредувањето на административните службеници на инспекторски позиции.

Од јануари до октомври 2024 година биле донесени 19 решенија за распоредување, иако за нив немало обезбедени средства во буџетот на ДПИ, а распоредувањата не биле предвидени ниту во Годишниот план за вработување за 2024 година.

Во декември истата година, 17 од овие решенија биле поништени, а вработените биле вратени на претходните работни места.

Инспекцискиот систем сè уште без целосна дигитализација

Сериозни слабости се констатирани и во дигитализацијата на инспекцискиот надзор.

Регистрите и информацискиот систем за управување со инспекцискиот надзор не биле воспоставени, додека апликацијата „Е-инспектор“ не била ставена во целосна употреба.

ДПИ немал единствена и целосна електронска база на податоци со воспоставена методологија за проценка на ризик. Тоа го отежнува планирањето на контролите според степенот на ризик, како и следењето и управувањето со реализацијата на инспекциските надзори.

Утврдена е и нецелосна евиденција на документацијата создадена и обезбедена во текот на инспекциските контроли, како и несоодветно следење на законските измени и ажурирање на листите за проверка.

Само петмина од 14 предвидени инспектори за безбедност на производи

Посебно внимание во извештајот е посветено на Одделението за инспекциски надзор за безбедност на производи.

Од предвидените 14 работни места, на крајот на 2024 година биле пополнети само пет.

Во периодот од 2022 до 2025 година, примероци од одредени производи биле испраќани на лабораториски анализи во акредитирани лаборатории во странство, при што финансирањето било обезбедувано преку меѓународни проекти.

Како резултат на лабораториските испитувања за квалитет и безбедност, во периодот 2022–2025 година од македонскиот пазар биле повлечени 40 производи.

Сепак, ДЗР предупредува дека продолжувањето на овие контроли е неизвесно по завршувањето на проектната поддршка, бидејќи ДПИ има ограничени буџетски средства за континуирано лабораториско испитување на потенцијално небезбедни производи во странство.

Нема соодветни услови за чување на одземените предмети

Ревизорите утврдиле проблем и со чувањето на предметите што инспекторите ги одземаат при контролите.

ДПИ нема сопствени објекти во кои одземените предмети би се чувале од моментот на одземањето до нивното предавање на Агенцијата за управување со одземен имот.

Според ДЗР, ова создава ризик од несоодветно чување и постапување со предметите, субјективно постапување, како и можни загуби што би можеле да имаат финансиски последици за институцијата.

Неевидентирани набавки од околу 2,15 милиони денари

Неправилности се констатирани и во финансиското и материјалното работење.

Пописот на средствата и обврските не бил целосно спроведен. Во него не биле опфатени градежните објекти и нематеријалните средства, а за утврдените кусоци и вишоци не биле дадени предлози за понатамошно постапување.

За опрема украдена во текот на 2025 година, на ревизорите не им била доставена документација од надлежен орган со која би се потврдил настанот.

По преземањето на ДПИ во состав на Министерството за економија и труд, во февруари 2025 година било предвидено спроведување вонреден попис на средствата, но до денот на ревизијата тој не бил реализиран.

Во материјалната евиденција не биле внесени:

  • канцелариски материјали во вредност од 1,107 милиони денари;
  • обрасци поврзани со инспекциските надзори во вредност од 791 илјада денари;
  • автомобилски гуми во вредност од 249 илјади денари.

Вкупната вредност на овие неевидентирани набавки изнесува околу 2,15 милиони денари.

Променет статусот на ДПИ, ЕК бара оперативна независност

ДЗР се осврнува и на статусната промена на Пазарниот инспекторат.

ДПИ претходно функционирал како орган во состав на Министерството за економија, со својство на правно лице и сопствена буџетска сметка. По законските измени продолжил да функционира како орган во состав на Министерството за економија и труд, но без својство на правно лице.

Ова прашање во извештајот е разгледано и во контекст на препораките на Европската комисија од 2025 година, кои се однесуваат на зајакнување на персоналот, реструктурирање и дигитализација на внатрешните оперативни постапки за надзор на пазарот, како и обезбедување оперативна независност на ДПИ.

ДЗР со препораки за зајакнување на инспекторатот

За надминување на утврдените слабости, ревизорите препорачуваат зајакнување на човечките ресурси, воспоставување електронски регистри и информациски систем за управување со инспекциските надзори, подобрување на финансиската и материјалната евиденција и унапредување на инспекциските постапки.

Меѓу препораките се и обезбедување соодветни услови за чување на одземените предмети, како и обезбедување финансиски и други услови за континуирано спроведување на контролите за безбедност на производите на македонскиот пазар.

CATEGORIES
Share This