ДУРМИШИ ОД БАКУ СО ПОРАКА ДО ИНВЕСТИТОРИТЕ Не ја гледајте Македонија како мал пазар, туку како порта кон 650 милиони потрошувачи
На инвестицискиот форум во Баку ги претстави Коридорите 8 и 10, автомобилската индустрија и потенцијалите за нови инвестиции

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, учествувајќи на Вториот Азербејџански меѓународен инвестициски форум – AIIF 2026 во Баку, порача дека во услови на глобална економска и геополитичка неизвесност, Северна Македонија економскиот раст го темели на инвестиции, структурни реформи, енергетска сигурност и продлабочување на регионалната и европската интеграција.
На панел-дискусијата „Градење доверба во фрагментиран свет: Азербејџан како стратешки мост меѓу регионите“, Дурмиши пред меѓународни инвеститори ги претстави економските потенцијали и инвестициските можности во земјава.
Тој нагласи дека неизвесноста не треба да биде причина за запирање на инвестицискиот циклус, туку за продолжување на вложувањата во инфраструктурата, енергетиката, дигитализацијата, човечкиот капитал и производствените капацитети.
Како конкурентски предности на земјава ги посочи стратешката положба на Коридорите 8 и 10, индустриските зони, развиениот автомобилски сектор и пристапот до пазар од повеќе од 650 милиони потрошувачи преку трговските договори.
„Не гледајте на Северна Македонија само како на мал домашен пазар. Гледајте на неа како на производствена, извозна и регионална платформа“, порача Дурмиши.
Според него, владин приоритет е привлекување инвестиции со повисока додадена вредност, кои ќе донесат нови технологии и знаење, подобро платени работни места и поголемо поврзување на домашните компании со глобалните синџири на вредност.
Дурмиши се осврна и на економските показатели, посочувајќи дека македонската економија во вториот квартал од годинава забележала раст од 4,3 проценти, што, според него, е потврда за отпорноста и потенцијалот на економијата.

