ДВАЈЦА КОМАНДАНТИ, ЕДНА ВОЈСКА Хрватска пред уставна криза поради судирот Пленковиќ-Милановиќ
Конфликтот меѓу хрватскиот премиер и претседателот се прелеа во вооружените сили, откако началникот на Генералштабот остана без довербата на владата.

Конфликтот меѓу хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателот Зоран Милановиќ се прошири и врз Хрватската војска, отворајќи прашања за функционирањето на командниот систем и можноста за уставна криза. Пленковиќ порача дека началникот на Генералштабот на Хрватската војска, генерал Тихомир Кундид, ја изгубил довербата на владата, откако не присуствувал на владината седница на која се одлучувало за испраќање хрватски војници на воената парада во Париз по повод Денот на Бастилја.
Според премиерот, генералот направил сериозна грешка бидејќи не одговорил на поканата за состанок, иако како војник ја следел наредбата на врховниот командант, претседателот Милановиќ, кој се спротивставил на учеството на хрватските војници.
„Кога премиерот го повикува началникот на Генералштабот на разговор, тогаш тој разговор се одржува“, изјави Пленковиќ.
Тој додава дека станува збор за последица на погрешна политика, а не за личен конфликт. Ситуацијата дополнително ја усложнува фактот што во Хрватска претседателот е врховен командант на вооружените сили, додека владата и Министерството за одбрана управуваат со одбранбената политика. Отсуството на координација меѓу двете страни, според аналитичарите, може сериозно да го наруши функционирањето на армијата.
Разликите меѓу Милановиќ и Пленковиќ се особено изразени околу односот кон Украина и улогата на Хрватска во меѓународните мисии. Милановиќ претходно се спротивстави на учеството на хрватски војници во мисијата за обука поврзана со Украина, оценувајќи дека Хрватска не треба да биде вовлекувана во активности поврзани со воениот конфликт. Пленковиќ, пак, смета дека таквиот став ја изолира Хрватска од нејзините сојузници и ја обвинува политиката на претседателот за антиукраински, проруски и антиевропски позиции.
„Нашата задача е Хрватска да биде на масата со своите сојузници, а не на клупата на магарето“, порача Пленковиќ.
Тој нагласува дека земјата мора да остане активен член на НАТО и Европската Унија. Од кабинетот на Милановиќ, пак, повторуваат дека хрватските војници не треба да бидат испраќани кон „фронтовски линии“ и дека националните интереси мора да бидат приоритет. Пленковиќ најави дека Хрватска ќе продолжи со поддршката за Украина, особено преку размена на искуства во областа на воените злосторства и грижата за ветераните, а за октомври во Цавтат е планирана меѓународна конференција посветена на соработката со Украина.
ВОЈСКАТА НЕ ОДИ Милановиќ му удри шлаканица на Пленковиќ, следуваше жесток одговор


