ВОЈСКАТА НЕ ОДИ Милановиќ му удри шлаканица на Пленковиќ, следуваше жесток одговор
Претседателот тврди дека без негова согласност хрватски војници не можат да заминат во Париз, додека премиерот вели дека станува збор само за церемонијално учество.

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, и премиерот Андреј Пленковиќ повторно влегоа во јавен конфликт, овојпат околу учеството на припадници на хрватската армија на воената парада во Париз.
Милановиќ порача дека нема да даде согласност за испраќање на хрватски војници на настанот, тврдејќи дека за таква одлука е потребна согласност од Врховниот командант.
„Не знам кого Пленковиќ планира да испрати во Париз, можеби мажоретки. Војската нема да оди“, изјави Милановиќ.
Тој посочи дека поканата од францускиот претседател Емануел Макрон пристигнала уште во мај, но дека јавноста за неа била информирана дури неодамна. Според него, хрватската армија не може да учествува на ваков настан без одлука на Врховниот командант, додавајќи дека за тоа не одлучуваат ниту Хрватска демократска заедница, ниту Владата, ниту министерот за одбрана.
Од друга страна, Пленковиќ возврати дека станува збор за протоколарно и церемонијално учество, а не за воена мисија, па затоа не е потребна согласност од претседателот.
„Ова не е мисија на Европската Унија, НАТО или некаква коалиција. Хрватска е поканета како земја со стратешко партнерство со Франција и одлична билатерална соработка“, рече Пленковиќ.
Тој најави дека министерот за одбрана Иван Анушиќ ќе побара од началникот на Генералштабот да обезбеди учество на хрватски војници на церемонијата во Париз.
Премиерот истовремено го обвини Милановиќ за, како што рече, изолационистичка политика и оцени дека неговите ставови се спротивни на политиките на Европската Унија, НАТО, САД и Франција.
„Оваа политика и постојаното пеење руски песни се голем национален срам“, изјави Пленковиќ.
Тој додава дека ќе инсистира на почитување на законските процедури. Тој предупреди дека доколку началникот на Генералштабот постапи спротивно на неговите очекувања, ќе ја изгуби довербата на Владата. Спорот околу парадата во Париз е уште една епизода во долгогодишното политичко ривалство меѓу претседателот и премиерот на Хрватска, кои често имаат спротивставени ставови за надворешната и безбедносната политика.


