ДРЖАВАТА ОТВОРА НОВА МОЖНОСТ Стан до 30 години, камата 4 отсто

Рокот за барање откуп или закуп до 31 декември 2027 година, а социјално загрозените ќе можат да живеат без закупнина.

ДРЖАВАТА ОТВОРА НОВА МОЖНОСТ Стан до 30 години, камата 4 отсто
Фото: Принтскрин

Граѓаните кои со години, а во одредени случаи и со децении, живеат во станови во државна сопственост би можеле да добијат нова можност да го регулираат своето станбено прашање. Со предложените измени и дополнувања на Законот за домување, се предвидува продолжување на рокот за поднесување барања за откуп или закуп на овие станови до 31 декември 2027 година.

Измените се однесуваат на лицата кои становите ги користат врз основа на акт или договор склучен пред 16 мај 1998 година, како и на одредени членови на семејните домаќинства на починатите носители на правото.

Предлог-законот сè уште не е во сила и треба да биде усвоен од Собранието за новите правила да почнат да се применуваат.

Четири категории корисници

Една од клучните новини е поделбата на корисниците на државните станови според приходите на домаќинството.

Во првата категорија се лицата кои примаат социјална или постојана парична помош. Тие нема да имаат право на откуп, туку само на закуп. Додека го имаат статусот на приматели на социјална помош, нема да плаќаат закупнина.

Останатите корисници се поделени во три категории:

  • ниски приходи – до една и пол просечна нето-плата;
  • просечни приходи – од една и пол до две и пол просечни нето-плати;
  • високи приходи – над две и пол просечни нето-плати.

За овие три категории се предвидува можност за избор меѓу закуп и откуп, доколку се исполнат законските услови.

Меѓу условите се македонско државјанство, постојано живеалиште во општината каде што се наоѓа станот, да не користат друг стан или деловен простор во државна сопственост и конкретниот стан да го користат уште од пред 13 август 2009 година.

Закупнината ќе зависи од приходите

Предложените измени предвидуваат различна закупнина во зависност од приходната категорија и површината на станот.

За домаќинствата со ниски приходи закупнината би изнесувала 25 или 35 денари за квадратен метар, за оние со просечни приходи 62 или 95 денари, додека за домаќинствата со високи приходи е предвидена закупнина од 190 денари за квадратен метар.

Тоа значи дека за стан од 60 квадратни метри, закупнината за највисоката приходна категорија би изнесувала 11.400 денари месечно.

Откуп на 30 години со камата од 4 отсто

За корисниците кои ќе ги исполнат условите за откуп, предлогот предвидува плаќањето да може да се распредели на период до 30 години, односно најмногу 360 еднакви месечни рати, со фиксна годишна каматна стапка од 4 отсто. Конечниот износ за откуп ќе зависи од утврдената вредност на конкретниот стан и од останатите финансиски и правни обврски поврзани со неговото користење. Од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор посочуваат дека при определувањето на цената се земаат предвид и обврските за закупнина, евентуалните неплатени долгови, како и постапките за нивна наплата.

Познавачите ком ентираат дека при спроведувањето на законските измени треба да се внимава становите наменети за социјално домување да не станат средство за остварување профит преку препродажба. Државните станови првенствено треба да им служат на семејствата кои поради ниските приходи не можат самостојно да обезбедат сопствен дом.

Доколку е даден станот на отплата на 30 години, не треба да му се дозволи на корисникот да го откупи порано за да не го препродаде. Во договорот треба да има клаузула со која ќе се ограничи правото на продажба во наредните 15 години. На овој начин би се спречила можноста стан купен под повластени услови да биде продаден по повисока пазарна цена. Важен фактор ќе биде продажната цена на становите. Доколку таа биде блиска до пазарната, дел од корисниците би можеле да се откажат од откупот и да изберат друг стан.

Дополнителен проблем е што значителен дел од овие станови се наоѓаат во постари згради, изградени во деведесеттите години, од кои дел немаат лифт и бараат дополнителни вложувања.

За социјално загрозените – закуп без закупнина

Велковски нагласува дека за лицата кои примаат социјална помош купувањето стан може да биде тешко остварливо поради ниските и ограничени приходи.

Затоа, според него, треба да се прави јасна разлика меѓу правото на откуп и правото на користење на станот.

Токму вакво решение предвидува и предлог-законот – примателите на социјална или постојана парична помош нема да можат да го откупат станот, но ќе можат да го користат под закуп без плаќање закупнина додека го имаат тој статус.

Клучен рок: 31 декември 2027 година

Барањата за откуп или закуп ќе треба да се поднесат најдоцна до 31 декември 2027 година.

За оние кои нема да поднесат барање во овој рок, предвидена е дополнителна можност до 31 март 2028 година.

Доколку корисникот не поднесе барање ниту во дополнителниот рок, може да следува присилно иселување. Истото може да се случи и доколку барањето за закуп биде одбиено, а корисникот во рок од 30 дена не поднесе ново барање за закуп или откуп.

Колку граѓани сè уште имаат нерегулиран статус?

Од АДИССДП велат дека немаат фиксна официјална бројка на корисници на државни станови кои сè уште немаат регулирано право на откуп или закуп.

Причината е што бројот постојано се менува во зависност од текот на постапките – дали носителот на станарското право е починат, дали има друго лице определено со договорот, дали е поднесено барање за откуп и дали постапката е во тек.

Оттаму посочуваат дека бројот на корисници со нерегулиран статус не е фиксна категорија, туку се менува со регулирањето на правата во конкретните случаи.

Парите од продажбата за нови државни станови

Една од предложените новини е средствата од продажбата на државните станови да се уплаќаат на посебна наменска сметка и да се користат исклучиво за изградба на нови станови во државна сопственост.

Според АДИССДП, досега приходите од продажбата се уплаќаат во Буџетот на Република Северна Македонија.

Цената на становите се определува согласно Уредбата за методологија за утврдување на вредноста на станот, при што се земаат предвид и сите релевантни финансиски и правни околности поврзани со конкретниот стан.

Државата очекува да се затвори процесот

Од АДИССДП очекуваат предложените измени дополнително да го намалат бројот на корисници кои сè уште немаат регулирано право на закуп или откуп.

Целта е да се финализира процесот за сите преостанати корисници на станови доделени врз основа на акти или договори склучени пред мај 1998 година.

Конечната можност за откуп или закуп, сепак, ќе зависи од усвојувањето на предложените законски измени, исполнувањето на условите и утврдувањето на вредноста на конкретниот стан.

CATEGORIES
Share This