ЧЕТИРИ ВОЗБУДЛИВИ ДУЕЛИ ДЕНЕСКА НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО Европско дерби во Хјустон, Германија на тест против БСК
Четири интересни натпревари го одбележуваат денешниот ден на Мундијалот,

Денешната програма на 23. Светско првенство, кое се одржува во САД, Канада и Мексико, носи четири интересни натпревари. Вниманието најмногу го привлекува европското дерби меѓу Холандија и Шведска, додека Германија ќе се соочи со селекцијата на Брегот на Слоновата Коска. На програмата се и пресметките Еквадор – Курасао и Тунис – Јапонија.
Во групата Ф, Холандија и Шведска ќе ги одмерат силите на стадионот „НРГ“ во Хјустон во натпревар кој може значително да влијае на конечниот пласман во групата и борбата за првото место. Шведска импресионираше во воведното коло со убедлива победа од 5-1 против Тунис, покажувајќи голема ефикасност во транзиција. Од друга страна, Холандија пропушти предност од два гола против Јапонија и мораше да се задоволи со реми 2-2.
Скандинавците многу очекуваат од напаѓачкиот тандем Виктор Ѓокереш и Александер Исак, кој претставува сериозна закана за секоја одбрана. Планот на Шведска е преку цврст среден блок и брзи контранапади да ги искористи евентуалните празнини во холандската одбрана.
Во групата Е, Германија и Брегот на Слоновата Коска ќе играат на „БМО Филд“ во Торонто. Германците турнирот го отворија со убедлива победа од 7-1 над Курасао, продолжувајќи ја серијата од десет последователни триумфи. Напаѓачкото трио Хаверц, Мусијала и Ундав блескаше, но селекторот Јулијан Нагелсман сè уште има одредени грижи околу дефанзивната стабилност на својот тим.
Брегот на Слоновата Коска, пак, во драматичен финиш го совлада Еквадор со 1-0 благодарение на голот на Амад Диало во 90. минута. Со тој триумф Африканците ја прекинаа серијата од 19 натпревари без пораз на Еквадор и направија голем чекор кон историски пласман во нокаут-фазата. Тимот на Емерс Фае е во одлична форма и зад себе има четири последователни победи, потпирајќи се на искусниот среден ред предводен од Франк Кеси и Секо Фофана, како и на брзите крила Диоманде и Диало.
Денешна програма
Група Ф
Хјустон – 19:00 часот, Холандија – Шведска
Група Е
Торонто – 22:00 часот, Германија – Брегот на Слоновата Коска
Група Е
Канзас Сити – 02:00 часот, Еквадор – Курасао
Група Ф
Монтереј – 06:00 часот, Тунис – Јапонија


