ДРАМА СО РОНАЛДО Ја напушти Португалија, му се заканува суспензија до 6 месеци

Капитенот го напушти репрезентативниот камп во Копенхаген, а португалските медиуми веќе отвораат прашање дали ова е крај на неговата репрезентативна кариера.

ДРАМА СО РОНАЛДО Ја напушти Португалија, му се заканува суспензија до 6 месеци
Фото: Принтскрин

Кристијано Роналдо ја напушти репрезентацијата на Португалија по драматичниот развој на настаните во Копенхаген, а португалските медиуми веќе шпекулираат дека неговата репрезентативна кариера е пред самиот крај.

Според „О Жого“ (O Jogo), капитенот на Португалија донел „конечна и неповратна одлука“ повеќе да не настапува за националниот тим.

Роналдо последен пат настапи за Португалија на 24 септември против Велс во Лисабон. Португалците славеа со 1:0, а Роналдо беше стартер и играше нешто помалку од 70 минути.

Само неколку дена подоцна, против Норвешка во Осло, тој остана на клупата во текот на целиот натпревар. Португалија победи со 2:1.

По мечот, Роналдо не им се придружи на соиграчите во традиционалниот поздрав со навивачите, туку веднаш замина во соблекувалната. Тоа дополнително ги засили шпекулациите за нарушените односи со новиот селектор Жорж Жезус.

Жезус по натпреварот се обиде да ја смири ситуацијата. Тој објасни дека со Роналдо претходно бил направен план за репрезентативната акција и дека било предвидено капитенот да не настапи на одредени натпревари.

Селекторот нагласи дека одлуката за составот е негова одговорност, додавајќи дека Роналдо требало да биде опција за време на натпреварот, но развојот на играта довел до одлука да остане на клупата.

Според Жезус, Роналдо претходно му кажал дека ќе ги прифати одлуките на стручниот штаб без разлика дали ќе игра, ќе биде на клупата или нема да биде во составот.

Но, само неколку минути по прес-конференцијата, ситуацијата добила нов пресврт.

Роналдо го напуштил стадионот „Паркен“ во Копенхаген, а потоа и хотелот во кој престојувала репрезентацијата. Според португалските медиуми, тој заминал без да се поздрави со соиграчите.

Подоцна Португалската фудбалска федерација официјално потврди дека Роналдо го напуштил репрезентативниот камп, а самиот фудбалер ја потврди одлуката.

„По прес-конференцијата на селекторот и разговорот со претседателот на Фудбалската асоцијација на Португалија, донесов одлука да ги напуштам подготовките на репрезентацијата. Кога ќе дојде време, ќе им ја кажам вистината на сите Португалци за причините што ме наведоа да ја напуштам репрезентацијата, на која отсекогаш сум ѝ бил посветен. Сега е време да им посакам среќа на Португалија и на сите мои соиграчи, без исклучок“, изјави Роналдо.

Случајот може да има и дисциплински последици. Според португалскиот спортски весник „А Бола“, Роналдо може да биде санкциониран поради напуштањето на репрезентативниот камп и можно кршење на Дисциплинскиот правилник на Португалската фудбалска федерација.

Правилникот предвидува суспензија од еден до шест месеци за играч кој, иако уредно повикан, ќе го напушти или нема да се појави на тренинг, натпревар или друга активност на националниот тим. Покрај суспензија, можна е и парична казна.

Доколку биде изречена санкција, таа би можела дополнително да влијае врз неговите идни настапи за Португалија.

Кристијано Роналдо за Португалија дебитираше во 2003 година и досега има 234 настапи и 146 голови – национални рекорди. Со Португалија го освои Европското првенство во 2016 година, како и Лигата на нации во 2019 и 2025 година.

По повеќе од две децении во националниот тим, последните случувања во Копенхаген отворија сериозно прашање: дали заминувањето од репрезентативниот камп е само моментален конфликт или последниот чин од репрезентативната кариера на Кристијано Роналдо?

Одговорот засега го нема, но според португалските медиуми, можноста 41-годишниот Роналдо повеќе да не го носи дресот на Португалија станува сè пореална.

CATEGORIES
Share This