607 МИНУТИ БЕЗ ГОЛ, 10 МЕЧА БЕЗ ПОБЕДА Македонија пред „мечот на спасот“ со Шкотска
Црната серија се заканува да го урне рекордот од 2001 година, а против Шкотска нè очекува дуел на две репрезентации во голгетерска криза.

Македонската фудбалска репрезентација се врати од Словенија со нов пораз од 2:0 и по две кола во Лигата на нации остана без освоен бод и без постигнат гол. Црната серија на Македонија станува сè подолга. Нашата репрезентација веќе 10 натпревари не знае за победа, а цели 607 минути не успева да ја затресе противничката мрежа.
Последната победа Македонија ја оствари на 7 септември минатата година, кога на домашен терен го совладавме Лихтенштајн со убедливи 5:0. Оттогаш следуваа 10 натпревари без триумф – пет порази и пет нерешени средби. Уште позагрижувачки е податокот дека во тие 10 натпревари Македонија постигна само два гола.
Следниот предизвик е во сабота на Националната арена „Тодор Проески“, каде што ни гостува Шкотска. Селекција со големо име, учесник на последното Светско првенство и противник против кого Македонија едноставно мора да бара победа.
Причината не е само бодовното салдо. Македонија е на пат да се приближи до неславниот рекорд од 2001 година, кога националниот тим цела година не забележа победа. Тогаш беа одиграни 13 натпревари без триумф – пет нерешени и осум порази.
До израмнување на тој рекорд сега остануваат уште четири натпревари. По Шкотска, Македонија ќе гостува во Луцерн кај Швајцарија, а потоа ќе следуваат уште два натпревари во 2026 година – гостување кај Шкотска и домашен дуел со Словенија. Но, пред сето тоа, во сабота нè очекува еден необичен дуел.
Македонија без гол 607, Шкотска 422 минути
На едната страна ќе биде Македонија, која на последните шест натпревари не постигнала гол, односно цели 607 минути е без погодок. Последниот гол го постигнавме лани против Велс, на гостувањето кое заврши со убедлив пораз од 7:1.
На другата страна ќе биде Шкотска, која исто така се мачи со реализацијата. Шкотите на последните четири натпревари не постигнале гол, односно 422 минути се без погодок. Последниот гол Шкотска го постигна на натпреварот со Хаити на Светското првенство. Потоа следуваа дуелите со Мароко (1:0), Бразил (3:0), Словенија (0:0) и Швајцарија (0:3), на кои шкотската репрезентација не успеа да постигне гол.
Шкотска брка сопствен негативен рекорд
Шкотска во Скопје ќе има дополнителен мотив.
Медиумите од оваа земја пресметаа дека доколку не постигне гол во првите 26 минути, репрезентацијата ќе влезе во најдолгата голгетерска криза во својата историја по пауза од 55 години.
Најдолгата серија без постигнат гол на Шкотска датира од 1971 година и изнесува 447 минути.
Новиот селектор на Шкотска, белгискиот стратег Себастиан Покоњоли, пред гостувањето во Скопје вели дека статистиката не треба да создава дополнителен притисок врз неговите фудбалери.
„Не треба да имаме притисок од статистиката и фактот дека долго време немаме дадено гол. Јас верувам во овие момци и по она што го видов на дуелите со Словенија и Швајцарија можам да кажам дека постојат позитивни моменти кои треба да ги докажеме и на дуелот со Македонија. Сепак, ова е фудбал, а минутите без постигнат гол се само статистика. Битен е крајниот ефект“, порача Покоњоли.
За Македонија, пак, статистиката во моментов е многу повеќе од само бројка.
Десет натпревари без победа. Шест без постигнат гол. 607 минути без погодок. Само два гола на последните 10 средби.
И сега Шкотска. Репрезентација која исто така не знае како изгледа постигнат гол во последните четири натпревари и која во Скопје ќе се обиде да ја прекине својата серија пред да постави неславен рекорд стар 55 години.
За нас, пак, добро знаеме какво е ова време – време на лоши рекорди. Како беше она слоганот на ФФМ?
„Ова е наше време…“
Само што овојпат, Македонија ќе мора да направи сè за тоа навистина да стане наше време.

