ДРАМА САД-ИРАН Трамп најави историски договор, Техеран демантира сè
Од Белата куќа до Truth Social силни пораки за економски придобивки и пад на цените на горивата.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран „се согласил никогаш да не поседува нуклеарно оружје“, нагласувајќи дека постигнувањето на договорот со Техеран е во завршна фаза.
Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, Трамп истакна дека САД постигнуваат силни економски резултати, наведувајќи ја и состојбата на берзата и економскиот раст, а додаде дека договорот со Иран ќе придонесе за пад на цените на горивата и зголемување на куповната моќ на граѓаните.
Претходно, тој најави дека новиот договор меѓу Вашингтон и Техеран би можел да биде потпишан денес и дека неговата цел е да се спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје. Тој исто така најави дека по договорот Ормутскиот теснец ќе биде отворен за меѓународен поморски сообраќај.
Сепак, од иранска страна пристигна различна порака. Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека договор денес нема да биде потпишан, отфрлајќи ги изјавите на Трамп и оценувајќи дека неговите најави претставуваат политички притисок врз иранскиот преговарачки тим.
Во меѓувреме, извори блиски до преговорите наведуваат дека катарски посредници отпатувале во Техеран како дел од напорите за продолжување и финализирање на договорот меѓу двете страни.


