ДРАМА НА НАТПРЕВАРОТ – Јамал падна на терен веднаш по пеналот

Барса се подготвува за големото „Ел Класико“ против Реал Мадрид.

ДРАМА НА НАТПРЕВАРОТ – Јамал падна на терен веднаш по пеналот
Фото: Принтскрин

Ламин Јамал и неговата повреда ги загрижија не само навивачите на Барселона, туку и фановите на шпанската репрезентација, откако младиот ас мораше предвреме да го напушти теренот на натпреварот против Селта Виго, кој Барса го доби со 1-0.

Јамал беше стрелец на единствениот гол на средбата, реализирајќи пенал во 40. минута, но веднаш по погодокот почувствува болка во задната ложа на левата нога. Тој падна на тревникот и побара лекарска интервенција, по што беше заменет пред крајот на првото полувреме. Наместо него во игра влезе младиот Руни Бардагџи.

Според информациите на ЕСПН, во клубот постои загриженост дека може да се работи за посериозна повреда на задната ложа, што би значело пауза од неколку недели, па дури и месеци.

По натпреварот, тренерот на Барселона, Ханси Флик, изјави дека ситуацијата сè уште не е јасна и дека ќе мора да се почекаат дополнителни прегледи.

„Мораме да почекаме и да видиме за што точно станува збор. Чувствуваше болка, не излезе од игра без причина. Се надеваме дека не е ништо сериозно, но ќе мора да почекаме“, изјави Флик.

Барселона ја забележа победата, но тренерот призна дека тимот не одиграл на посакуваното ниво и дека Селта создала проблеми во текот на натпреварот.

„Не беше лесен натпревар, Селта играше добро и нè притискаше. Во второто полувреме бевме подобри, но не сум целосно задоволен. Најважни се трите бода“, додаде Флик.

Јамал оваа сезона има импресивни бројки со 45 настапи, 24 голови и 18 асистенции за Барселона, а клубот наскоро го очекува и големото „Ел Класико“ против Реал Мадрид на 10 мај.

CATEGORIES
Share This