НА ПОВИДОК ПОЛИТИЧКИ ЗЕМЈОТРЕС – Филипче се заканува со бојкот на клучни изборни реформи

Пратеничката група најавува повлекување од работната група за изборниот закон.

НА ПОВИДОК ПОЛИТИЧКИ ЗЕМЈОТРЕС – Филипче се заканува со бојкот на клучни изборни реформи
Фото: СДСМ

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на прес-конференција во Собранието изјави дека укинувањето на техничката влада претставува „автократски манир“ и дека партијата нема да го прифати овој чекор.

Тој нагласи дека техничката, односно таканаречената Пржинска влада, е клучен механизам за обезбедување фер и демократски избори, особено во услови кога, како што рече, постои целосна контрола на власта врз судството и недоволна транспарентност во користењето на податоците од системот „Сејф Сити“.

Филипче потсети дека овој модел на техничка влада бил воспоставен за изборите во 2016 година, а подоцна, на барање на тогашната опозиција, бил изменет во 2018 година и се применувал и на изборите во 2020 година.

Според него, актуелните предлози за укинување на овој модел претставуваат враќање на, како што рече, начини на владеење од периодот 2006-2016 година. Тој додаде дека доколку законските измени продолжат по собраниска процедура, пратеничката група на СДСМ и коалицијата ќе се повлече од работната група за изборниот закон.

Филипче порача дека Пржинската влада мора да остане како гаранција за фер изборни процеси и дека, во спротивно, СДСМ нема да учествува во понатамошната работа на изборната реформа во рамки на Министерството за правда.

CATEGORIES
Share This