ДРАМА, ЦРВЕНИ КАРТОНИ И ГОЛЕМА ПОБЕДА Македонските кадети се пласираа на Светско
Избраниците на Горан Кузманоски во драматичен меч славеа над Фарски Острови и покажаа карактер и покрај двата црвени картони.

Македонската кадетска ракометна репрезентација продолжува со одличните настапи на Европското првенство во Белград. Избраниците на селекторот Горан Кузманоски ја запишаа третата победа во низа, откако денеска славеа против Фарски Острови со 32-34.
Со овој триумф „црвено-жолтите“ обезбедија пласман на Светското првенство следната година, што претставува голем успех за младата генерација македонски ракометари.
Натпреварот против Фарски Острови беше уште една тешка битка. Македонија во текот на мечот се соочи со дополнителни проблеми, откако Николоски и Ѓоргиески добија црвени картони, но и покрај тоа тимот покажа карактер и успеа да ја задржи предноста до самиот крај.
Селекторот Горан Кузманоски истакна дека клучот за победата бил во одличната одбрана и дисциплинираната игра во нападот.
„Ова беше исклучително тежок натпревар против селекција која има одличен систем и речиси совршено ја користи играта 7 на 6. Успеавме да го заприме нивниот главен играч Скипаготу, одбраната функционираше на високо ниво, а во нападот бевме трпеливи и дисциплинирани“, изјави Кузманоски.
Тој додаде дека проблемите со исклучувањата дополнително ја отежнале задачата, но играчите покажале зрелост и борбеност.
„По исклучувањето на Петар Николоски почувствувавме пад во одбраната, но Марко Ѓорчевски одлично реагираше и ги затвори празнините. Дополнително, Стефан Ѓоргиески доби црвен картон, а Трајче Костов настапи со повреда и го постигна последниот гол. Момците покажаа карактер и тимски дух и заслужено стигнавме до победата“, порача селекторот.
Македонија во продолжение од шампионатот ќе се бори за пласман од 9. до 12. место. Успехот е уште поголем ако се има предвид дека зад македонската селекција останаа ракометни сили како Шведска и Норвешка.
„Заслужено сме меѓу најдобрите 12 селекции. Сепак, нема простор за опуштање. Имаме уште два натпревари и мора да останеме максимално фокусирани. Доколку успееме да стигнеме до деветтото место, тоа ќе биде огромен успех за оваа генерација која има квалитет и светла иднина“, додаде Кузманоски.
Следниот предизвик за Македонија е веќе утре, кога противник ќе биде селекцијата на Португалија.
ДВЕ ПОБЕДИ, ЕЛИТА И ГОЛЕМА ШАНСА ЗА МУНДИЈАЛ Македонија утре тргнува по нов успех

