ДОС СЦЕНАРИО НА МАКЕДОНСКИ НАЧИН ОД ФУНКЦИОНЕРИ НА СДСМ – За Филипче тоа е проект на ВМРО-ДПМНЕ
Иницијаторите велат дека зад нив стојат петмина пратеници од СДСМ, но не сакаат да бидат фракција на актуелното раководство и немаат намера да создаваат нова партија од СДСМ.

На македонската политичка сцена се појавува нова иницијатива чија цел е да ја обедини опозицијата и прогресивната демократска јавност за да ѝ се спротивстави на ВМРО-ДПМНЕ и да ја урне од власта. Дали ќе прерасне во нова политичка партија засега е неизвесно, а иницијаторите се наводно поранешни функционери на СДСМ.
Според медиумски извори, зад платформата стојат поранешни и актуелни функционери и пратеници на СДСМ, основачи на партијата, како и истакнати граѓани и професори без претходна партиска афилијација. Иницијативата не планира да се занимава со лидерот или раководството на СДСМ, ниту со внатрепартиските реформи, и се оградува од Петре Шилегов, кој не е дел од нејзината структура.
Целта на иницијативата е долгорочна: да создаде нова политичка и идеолошка рамнотежа во општеството и да одговори на потребите на граѓаните за поинаков политички спектар. Според нив, сегашната политичка понуда се сведува на силна ВМРО-ДПМНЕ и фрагментирана опозиција која нема капацитет да се обедини и да биде реална закана за власта.
Иницијаторите велат дека зад нив стојат петмина пратеници од СДСМ, но не сакаат да бидат фракција на актуелното раководство и немаат намера да создаваат нова партија од СДСМ. Тие се оградуваат од Шилегов и потенцираат дека не се поврзани со владејачката партија.
Во меѓувреме, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави две „сериозни политички активности“ за мај: формирање на „Скопска иницијатива“ регионален фронт со партии од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија за европска интеграција, борба против корупцијата и авторитаризмот, како и програмски конгрес на СДСМ за претставување на нивната програма за следните предвремени парламентарни избори.
Од друга страна, според Филипче, опозициската платформа која иницијаторите ја најавија како обид да се обедини опозицијата вклучувајќи граѓани, интелектуалци и активисти, и која ја поддржуваат поранешни и актуелни пратеници и функционери на СДСМ всушност е проект на ВМРО-ДПМНЕ.
Од Бихаќка вечерва во соопштение велат дека иницијативата се оградила од Петре Шилегов, бидејќи тој ја најавил, а СДСМ ја оцени како „платформа за рушење на СДСМ“.
„Се создава некаков ДОС во кој нема место за СДСМ. Иницијаторите се оградуваат од своето минато и нема конкретни имиња. Кога ќе се објави списокот, граѓаните ќе видат кои се тие што, како што велат, „не се борат за фотелји““, се наведува во соопштението.
Во медиумите беше истакнато дека ВМРО-ДПМНЕ е силна партија, додека опозицијата е распарчена на мали партии, што според СДСМ дополнително ја ослабува. Се споменува и ЗНАМ, кој според партијата повеќе нема поддршка бидејќи граѓаните увиделе дека покажале „продадено лице“ во тендер-коалицијата.


