ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Политички преглед на денот, недела, 28 јуни 2026 година.

Политички преглед на денот, недела 28 јуни 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче ќе ја распродава Македонија на рати оти мисли дека така ќе си купи премиерска фотелја
Филипче со месеци се обидува да ја изгради својата јавна слика врз европски вредности, но само кога тие принципи можат да се употребат за да ја критикува сопствената држава. Тоа најдобро се гледа во неговиот однос кон бугарски провокации и постапки што директно ги засегаат македонските национални интереси.
Филипче доследно молчи на секоја бугарска провокација која ги засега македонскиот идентитет, јазик и историја. Тој го премолчи и овој дипломатски скандал Бугарија, со кој беше направен дипломатски преседан каде беа објавени документи со безбедносни информации поврзани со претседателот на Владата.
Филипче беше дел од структурата на СДС која ги распродаде македонските национални интереси, структура која го понижи македонскиот идентитет, го доведе во прашање јазикот и историјата, и потпишуваше бланко листови наместо да ги брани македонските позиции. Македонскиот народ го памети тоа и неговиот суд го изрече на изборите. Свесен дека во Македонија повеќе нема политичка иднина, Филипче ја пресмета ситуацијата и ја сврте политичката калкулација кон Софија очекувајќи дека добрите односи со бугарските власти ќе му донесат поддршка која не може да ја најде кај сопствениот народ.
Граѓаните очекуваат дека секој што претендира да ја води државата мора да ги брани и државните интереси, а нема да дадат поддршка на Венко Филипче, кој уште веднаш би го продал идентитетот и би ја редефинирал македонската историја, кој ги брани бугарските позиции и работи за туѓи агенди, се за да дојде на власт.
СДСМ: Мицкоски прави ЗНАМ 2.0 – Продава иднина за тендери и одбрана на криминал
Христијан Мицкоски веќе работи на создавање на ЗНАМ 2.0 – нов сателит кој ќе му послужи за разбивање на опозициските гласови на следните избори. Причината е јасна. По вчерашната најава на Александар Вучиќ за избори во Србија, Мицкоски е принуден да се подготвува и тој. Остана без поддршка од Орбан, буџетот е во колапс, а веќе нема пари ниту за редовна исплата на пензиите. Затоа брза да создаде нов инструмент за манипулација на изборниот процес.
Мицкоски ќе продолжи да ја задолжува државата сè додека може. Ќе зема нови долгови не за развој, туку за да го одржи системот на тендери и клиентелизам кој го одржува на власт. Тој ја продава иднината на Македонија за свои тендери и за одбрана на организираниот криминал. Младите масовно заминуваат затоа што не гледаат европска перспектива. Тие гледаат секој ден на границите – во километарските колони кои се директна последица од политиката на изолација што ја спроведува Мицкоски.
Наместо да го следиме примерот на Црна Гора и да станеме членка на ЕУ во 2028 година, ние се оддалечуваме од Европа. Мицкоски не сака Европска Унија затоа што со влез во ЕУ ќе мора да одговара за криминалот, за корупцијата и за системското уназадување. Затоа го приватизира правосудството и полицијата и ги користи како алатка за заштита на својот криминал и за политички прогон на противниците.
ЗНАМ 2.0 е уште еден проект во низата обиди на Мицкоски да ја одржи власта по секоја цена – дури и по цена на иднината на државата и на младите кои ја напуштаат. Граѓаните веќе ја препознаа играта. И нема да дозволат да бидат измамени.
ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Од СДСМ до ЗНАМ – Единствена Македонија отвори старо политичко досие на Димитриевски, едно зборува денес друго правеше вчера
Единствена Македонија реагира на вчерашната бесрамна навреда на интелегенцијата на народот од страна на претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Тој на собир во Скопје вели дека партијата ЗНАМ доследно ќе ги брани Илинденска и АСОМска Македонија, а токму тој го направи големото предавство. Во 2017 и 2018 година Максим Димитриевски беше член на Извршниот одбор на СДСМ и пратеник во Собранието, каде што гласаше за договорите со Бугарија и Грција со кои се бришат токму Илинденска и АСНОМска Македонија. Затоа, ваквите пораки денес неизбежно отвораат прашања за политичката доследност.
Единствена Македонија го реафирмира својот став дека ваквите наменски формирани партии како ЗНАМ, опстојуваат само додека се дел од власта. Кога ќе останат без функции или ќе бидат тргнати од власта, најчесто се распаѓаат, а нивните кадри се враќаат во матицата СДСМ, како што сме гледале и други партии во минатото.
Причината е едноставна – кај ваквите политички проекти доминираат личните амбиции и интересот за функции и фотелји, а не идеологијата и принципите.
Како и да е, прашањето не е дали Максим лицемерот ја менува приказната и едно зборува денес а друго правеше вчера. Прашањето е дали народот заборава!

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија


