ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

Политички преглед на денот, сабота, 27 јуни 2026 година.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Фото: Национал

Политички преглед на денот, сабота 27 јуни 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?

ВМРО-ДПМНЕ: Бројките во земјоделието говорат за развој, а СДС зборува за негово уништување, очигледно лажењето е карактерна особина на другарите на Филипче

СДС и портпаролката Богданка Кузеска очигледно немајќи што да прават денес, одлучија да одржат прес-конференција на тема земјоделие. Кузеска и СДС како да не се од Македонија, како да не живеат тука или пак лажењето им е стил на однесување, карактерна особина.

Денеска се утепаа од лажење, како немало пари за земјоделците, немало инвестиции, немало откуп или бил намален, субвенциите биле намалени. Па одат и понатаму и заклучуваат повторно огромна глупост се уништувале сите области како градинарство, лозарство, сточарството  итн.

Да не ги набројуваме проблемите кои беа затекнати во земјоделието, тоа одзема многу време и место, ама затоа ќе се обидеме кратко да истакнеме дека говорат лаги. Со неколку податоци. За се има конкретни бројки и конкретни резултати. Има зголемен извоз на земјоделски производи и нивни преработки од 417 милиони евра во 2025 година, или  суфицит од 215 милиони евра за истата година.

Производството на кравјо млеко за 2025 година бележи раст од 2,7% споредбено со 2024 година. Произведени се вкупно 300.000 тони пченица во 2025 година што е еквивалент на она што е потребно на Македонија за задоволување на домашните потреби. Од преземањето на власта до денеска исплатени се над 15 милијарди денари субвенции кон земјоделците во државава.

Ова се бројки, ова е прецизно и говори само едно, дека можеби раководството на СДС му удрило сонцето во глава и лаже, или едноставно лажењето е нивна карактерна особина.

СДСМ: 2 години Влада на Мицкоски- Уништување на македонското земјоделство

Две години Влада на Мицкоски се две години уништување на македонското земјоделство. Нема гранка во земјоделството, нема земјоделец што не нема проблем – сите, и градинарите, и овоштарите, и лозарите, и сточарите, и поледелците. За две години ВМРО покажа тотална негрижа за земјоделците, за луѓето кои што се заслужни што имаме храна, за секторот кој може да даде сериозен инпут во извозот и во вкуната економија.

Ветуваа сигурен откуп, загарантирани цени, повисоки субвенции, инвестиции, поддршка за младите земјоделци и заштита на домашното производство. Ги излажаа земјоделците, нитшо не исполнија. Откупот на земјоделски производи од малите земјоделци е намален за 46,2%. Ветија 180 милиони евра финансиска поддршка за земјоделците. Не само што не се 180 милиони евра, туку и ги намалија за 40 милиони евра. За две години цената на млекото се намали за 10 денари а, субвенциите кај кравите се намалија од 12.000 денари на 8.000 денари. Две години се крши Законот за вино и не се објавува производната цена на грозјето за двете сорти Вранец и Смедеревка. Две години за лозарите по килограм нема субвенции но затоа две години има за винариите и тоа по 10 денари за килограм грозје.

Ветија поголеми субвенции за пченицата и јачменот но не само што не ги зголемија субвенциите туку дополнително ги условија земјоделците ако сакаат да добијат субвенции мора 30% од производството да биде предадено кај регистрирани откупувачи.

Ветуваа поголема поддршка за малите земјоделци но им ги зголемија минималните прифатливи површини како услов за добивање на субвенции со што голем број на мали земјоделци нема да можат да добијат субвенции. Не им кажаа на земјоделците дека ќе ја укинат авансната исплата но го направија тоа и сега им должат неисплатени субвенции од 2025 година а законскиот рок за исплата на субвенции до 30 јуни 2026 истекува.

Нема повисок и достоинствен доход за земјоделците – земјоделците, луѓето кои работат од утро до мрак на нива, во фарма, се понижени и осиромашени од оваа власт. Ветуваа инвестиции од стотици милиони евра во хидросистеми и модерни системи за наводнување „капка по капка“. Ништо нема – капиталните проекти во водостопанството се целосно стопирани.

Нема зголемен сточен фонд. Сточарството во Македонија е пред тотално изумирање, фармите масовно се затвораат поради скапата сточна храна и ниската откупна цена на млекото. Нема неповратни финансиски средства за младите земјоделци. Нема нови откупни центри. Нема максимално искористување на европските фондови. Напротив, ВМРО не посрамоти пред Европската унија со скандалозниот криминал со ИПАРД 3, ни блокираа пари, заради тоа што оваа криминална власт посегна по европските пари. Е тоа е ВМРО!

За две години, НУЛА исполнети ветувања во земјоделството.

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Македонските партии повикани на единство, писмо до Радев за клучното прашање

Во изминатите денови значително се разјаснија позициите во однос на европскиот пат на Македонија.

Од бугарска страна беше јасно повторено дека услов за продолжување на евроинтегративниот процес останува почитувањето на договореното, односно внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Во исто време, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека преговарачката рамка за членство на Македонија во Европската Унија не може да се измени без согласност од сите земји-членки.

Единствена Македонија, како политичка партија која доследно се залага за заштита на националните интереси, потсетува на својот долгогодишен став – поддршка за членство во Европската Унија, но не по секоја цена. Нашата определба е Македонија да стане членка на Унијата како држава на македонскиот народ, со зачуван национален идентитет, а не по цена на нови политички условувања.

Убедени сме дека ваквиот став го делат и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како најголеми македонски политички партии.

Затоа, апелираме до ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и до сите македонски политички партии заеднички да упатат писмо до бугарскиот претседател Румен Радев, со едноставно и јасно прашање: Дали внесувањето на Бугарите во Уставот е последното барање на Бугарија во процесот на евроинтеграција на Македонија или ќе следуваат нови услови?

Ваквиот заеднички чекор би бил израз на политичко единство и одговорност кон државните и националните интереси. Доколку оценат дека е посоодветно, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ можат заеднички да ја преземат оваа иницијатива и без учество на останатите политички партии.

Единствена Македонија смета дека дури и евентуален неодреден, дипломатски или изостанат одговор од бугарска страна би претставувал важен политички сигнал кој ќе помогне да се расчисти дилемата што со години ја оптоварува македонската јавност – дали уставните измени се последниот услов или само вовед во нови барања.

Со испраќањето на ваквото писмо би се направил важен чекор кон добивање појасна политичка слика за идниот тек на македонскиот евроинтегративен процес.

Доколку не биде приофатена иницијативата на Единствена Македонија, ја информираме јавноста дека партијата самостојно ќе му пише на Радев.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

CATEGORIES
Share This