ДИМЕВСКИ СО ПОРАКА ДО ДЕЦАТА Не ме интересира кој ќе победи
МОК го одбележа Светскиот ден на детето со спортски активности, дружење и олимписки вредности во училиштето „Владо Тасевски“.

Македонскиот олимписки комитет (МОК), во соработка со ООУ „Владо Тасевски“ од општина Карпош го одбележа Светскиот ден на детето со активности посветени на играта, дружењето и промовирањето на олимписките вредности.
Претседателот на МОК, Даниел Димевски, заедно со Петар Спасеновски, раководител на Секторот за спорт и спортски прашања при Комитетот, ги посетија учениците, кои им приредија пречек пред училиштето. По средбата следеше и симболична размена на подароци меѓу Димевски и директорот на училиштето.
Во свечениот дел беа претставени ликовната изложба „Олимписки вредности низ очите на децата“, како и расказ на тема спорт, олимпизам, етика и фер-плеј, кој го прочитаа ученици.
Преку интерактивни активности, учениците се запознаа со трите основни олимписки вредности – пријателство, почит и извонредност. Спортскиот дел од програмата беше свечено отворен со пуштање балони во олимписките бои.
„Олимпизмот не е само за врвни спортисти што се натпреваруваат пред целиот свет. Олимпизмот е начин на живот“, порача Димевски пред учениците.
Тој нагласи дека вистинската вредност е во трудот, упорноста и желбата секој ден да бидеме подобри од претходниот, а не да се натпреваруваме со другите.
„Не ме интересира кој ќе победи, туку кој ќе ужива, кој ќе му помогне на другарот и кој ќе покаже фер-плеј“, додаде претседателот на МОК.
По свечениот дел следеа спортски натпревари. Учениците од шесто до деветто одделение се натпреваруваа во одбојка во мешани екипи и на мини-турнир во фудбал, додека помладите учествуваа во штафетни трки и други спортски игри. МОК на училиштето му донираше и спортска опрема, меѓу која топки за фудбал, кошарка и одбојка.
Со ваквите активности, Македонскиот олимписки комитет настојува да ги доближи олимписките вредности до најмладите и да го поттикне спортот како важен дел од секојдневието и здравиот развој на децата.

