СТРУЈАТА И ПАРНОТО ПОСКАПУВААТ ОД 1 ЈАНУАРИ Ристов ги откри новите проценки

Струјата би можела да поскапи до 3 проценти, а парното до 8 проценти. Компаниите барале и до 50 проценти повисока цена за греењето, но РКЕ не го прифаќа барањето.

СТРУЈАТА И ПАРНОТО ПОСКАПУВААТ ОД 1 ЈАНУАРИ Ристов ги откри новите проценки
Фото: Принтскрин

Домаќинствата од 1 јануари би можеле да се соочат со повисоки сметки за електрична енергија и парно греење. Според проценките на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, струјата би можела да поскапи за 2 до 3 проценти, додека кај парното греење се очекува зголемување од 6 до 8 проценти.

Во телевизиско интервју Ристов посочи дека конечните одлуки сè уште не се донесени и дека РКЕ ги анализира барањата на енергетските компании. Новите цени треба да стапат во сила од 1 јануари 2027 година. Иако Владата најавува дека цената на струјата за домаќинствата ќе остане непроменета по Нова година, проценката на РКЕ остава можност за умерено поскапување.

Една од клучните ставки во формирањето на крајната цена на електричната енергија се трошоците за пренос и дистрибуција. Ристов откри дека МЕПСО побарало зголемување од дури 97 проценти на тарифата за пренос на електрична енергија, но РКЕ засега не гледа основа за прифаќање на таквото барање.

Според него, најавениот пад на протокот на електрична енергија низ преносниот систем во 2027 година се однесува на транзитот, односно електричната енергија што поминува низ Македонија. Кај дистрибуцијата, Регулаторната комисија се обидува да ги задржи трошоците во сегашните рамки. Загубите во дистрибутивната мрежа се движат од 11 до 12 проценти.

За покривање на овие загуби, 70 проценти од потребната електрична енергија оваа година се обезбедуваат од ЕСМ по договорена цена, додека преостанатите 30 проценти дистрибутерот треба да ги набави на слободниот пазар.

Ристов откри дека пробната аукција за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во мрежата била поништена, откако понудената цена достигнала 380 евра за мегават-час. Како алтернативно решение, Владата предложила ЕВН да може да откупува електрична енергија од домашни обновливи извори што се дел од државното производство.

Во однос на снабдувањето на домаќинствата, Ристов посочи дека 70 проценти од електричната енергија за универзалниот снабдувач се обезбедени по цена од 65 евра за мегават-час, а преостанатите 30 проценти по околу 76 евра. Врз основа на овие цени, неговата проценка е дека евентуалното поскапување на струјата за домаќинствата би било од 2 до 3 проценти.

Покрај новите цени, РКЕ подготвува и промена на начинот на пресметување на мрежарината. Се разгледува модел со понизок фиксен надомест за пристап до електродистрибутивната мрежа, додека друг дел од надоместокот би зависел од количината на потрошена електрична енергија.

Според Ристов, целта е домаќинствата со помала потрошувачка да плаќаат помал износ, што особено би им помогнало на семејствата кои се соочуваат со енергетска сиромаштија. Од друга страна, домаќинствата со поголема потрошувачка би плаќале повисок износ. Конкретните параметри и начинот на пресметување треба дополнително да бидат утврдени.

Уште поголемо поскапување се најавува кај топлинската енергија. Компаниите што произведуваат и дистрибуираат парно греење побарале зголемување на цената од 45 до 50 проценти. Ристов ваквото барање го оцени како неприфатливо, но призна дека повисоката цена на природниот гас создава дополнителни трошоци за производството на топлинска енергија.

Неговата проценка е дека реалното зголемување на цената на парното би можело да се движи од 6 до 8 проценти, а конечната одлука ќе ја донесе РКЕ. Ристов се осврна и на движењето на цената на нафтата, посочувајќи дека нејзиниот пад создава услови за постепено повлекување на мерките поврзани со даноците и акцизата.

Како долгорочно решение за намалување на зависноста од нафтата ја посочи пошироката употреба на електрични возила.

CATEGORIES
Share This