БОЖИНОВСКА СО СИЛНА ПОРАКА Енергетиката не се гради сама, иднината бара партнерство
Министерката порача дека иднината на секторот зависи од соработка меѓу институциите, компаниите и граѓаните.

Енергетскиот сектор може успешно да се развива само преку заедничка работа и партнерство меѓу институциите, компаниите и јавниот и приватниот сектор, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
На отворањето на изложбата во Националната галерија на Македонија „Чифте амам“, организирана од ЕВН Македонија по повод 20 години од постоењето на компанијата, Божиновска истакна дека приоритет на Министерството е создавање стабилен, предвидлив и фер енергетски систем.
„Енергетиката е сектор во кој успехот никогаш не е резултат на поединец. Таа бара партнерство и меѓу институциите и компаниите, меѓу јавниот и приватниот сектор, но и рамнотежа меѓу економските интереси и јавната одговорност“, рече Божиновска.
Таа посочи дека целта е систем кој ќе ги штити интересите на граѓаните, но истовремено ќе создава услови за нови инвестиции, иновации и развој.
Честитајќи го јубилејот на ЕВН Македонија, министерката нагласи дека изложбата претставува приказ на развојот и трансформацијата на македонската енергетика во изминатите две децении.
„Во изминатите дваесет години, ЕВН Македонија остави значаен белег во развојот на електродистрибутивниот систем преку модернизација, дигитализација и подобрување на услугите. Тоа не се мери само со инвестиции и бројки, туку и со поголема сигурност и подобар квалитет за граѓаните“, истакна Божиновска.
Министерката додаде дека енергетиката претставува многу повеќе од инфраструктура и таа е дел од секојдневниот живот и еден од темелите на современото општество.
„Живееме во период кога енергетиката се менува побрзо од кога било. Зелената транзиција, новите технологии, паметните мрежи и обновливите извори на енергија носат предизвици, но и големи можности кои треба заеднички да ги искористиме“, порача Божиновска.
Таа оцени дека искуството од изминатите 20 години треба да биде основа за идниот развој и создавање поодржлив и поефикасен енергетски систем.


