БИТКОИНОТ ПОТОНА ПОД 60.000 ДОЛАРИ Еве што стои зад новиот крипто-хаос
Најголемата криптовалута падна под 60.000 долари за првпат од крајот на 2024 година, а аналитичарите предупредуваат на нова нестабилност.

Биткоинот накратко падна под психолошката граница од 60.000 долари, достигнувајќи го најниското ниво од крајот на 2024 година, покажува анализата на „Дојче банк“. Според банкарските аналитичари, падот е резултат на повеќе фактори. од очекувањата за построга политика на Федералните резерви на САД, до повлекувањето на капиталот од криптофондовите и зголемениот интерес за секторот на вештачката интелигенција.
Од „Дојче банк“ оценуваат дека биткоинот во последниот период сè повеќе се однесува како институционална ризична актива, а помалку како шпекулативна инвестиција доминирана од индивидуални инвеститори.
Аналитичарите издвојуваат три клучни причини за падот. Првата е промената на очекувањата околу монетарната политика на американскиот ФЕД. Иако централната банка ги задржа каматните стапки во опсег од 3,50 до 3,75 проценти, сигналите за можно дополнително заострување ја намалија желбата на инвеститорите за поризични вложувања.
Вториот фактор се одливите од американските спот ETF фондови поврзани со биткоин. Според податоците на банката, овие фондови бележат шест последователни недели на нето-повлекување средства, со вкупен износ од околу шест милијарди долари.
Дополнителен удар за криптопазарот претставува и пренасочувањето на вниманието кон компаниите од областа на вештачката интелигенција. Очекувањата дека американскиот технолошки сектор ќе вложи над 700 милијарди долари во AI инфраструктура во 2026 година ги натера дел од инвеститорите да бараат можности надвор од криптовалутите.
Нервоза на пазарот предизвика и потегот на компанијата Strategy, поранешен MicroStrategy, која за првпат од 2022 година продаде дел од своите биткоин резерви. Иако компанијата продолжува со зголемување на своите криптоактиви, продажбата отвори прашања за понатамошниот тренд на пазарот.
Дополнителен ризик за биткоинот претставуваат и истекувањето на опциски договори во вредност од 10,6 милијарди долари на берзата Deribit, како и претстојните податоци за инфлацијата во САД преку индексот на лична потрошувачка (PCE).
Во моментот на објавување на анализата, биткоинот се тргуваше околу 62.600 долари, со дневен пад од 3,5 проценти и повеќе од 50 проценти под рекордното ниво достигнато во октомври 2025 година.
ЦРНИ ПРОГНОЗИ ЗА БИТКОИНТОТ – Крах на криптовалутата и разорни последици


