БИТКА ЗА ЕДНА ОД НАЈМОЌНИТЕ ФУНКЦИИ ВО ПРАВОСУДСТВОТО 187 обвинители го избираат наследникот на Абази

Петмина кандидати се борат за челната позиција во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Денеска со тајно гласање се одлучува кој ќе ја преземе институцијата задолжена за гонење на најтешките случаи на криминал и корупција.

БИТКА ЗА ЕДНА ОД НАЈМОЌНИТЕ ФУНКЦИИ ВО ПРАВОСУДСТВОТО 187 обвинители го избираат наследникот на Абази
Фото: Принтскрин

Денеска се одлучува кој ќе го преземе раководењето со едно од најзначајните обвинителства во Македонија – Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Вкупно 187 јавни обвинители со право на глас ќе го избираат новиот шеф преку непосредно и тајно гласање, а во трката за функцијата влегуваат петмина кандидати: Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски.

Гласањето започнува во 8 часот и ќе трае до 16 часот, по што резултатите ќе бидат сумирани на јавна седница. Македонската информативна агенција (МИА) ќе обезбеди пренос во живо од објавувањето на резултатите.

Изборниот процес го спроведува тричлена комисија формирана од Советот на јавните обвинители, во состав Ермон Незири, Светлана Стојковиќ и Кети Петкова.

Петмината кандидати на 13 октомври ги претставија своите програми пред Советот на јавните обвинители, најавувајќи зајакнување на капацитетите за истраги, поефикасна борба против корупцијата и перењето пари, унапредување на финансиските истраги и поголема независност на Обвинителството.

Прашањето што останува е кој од кандидатите ќе добие доверба да ја предводи институцијата од која јавноста очекува конкретни резултати во справувањето со организираниот криминал и високата корупција.

Изборот се спроведува поради истекувањето на мандатот на досегашниот раководител Ислам Абази, кој на функцијата беше избран во октомври 2022 година.

Огласот за избор на нов шеф беше објавен во „Службен весник“ на 21 август, а денешното гласање треба да го даде одговорот кој ќе го преземе кормилото на оваа значајна обвинителска институција.

Сите погледи денеска се насочени кон обвинителите и кој ќе ја добие нивната доверба и дали новото раководство ќе донесе посилна борба против криминалот и корупцијата?

CATEGORIES
Share This