БЕЗБЕДЕН ГРАД СЕ ШИРИ Од 12 октомври камерите ќе следат и во Охрид, Струга, Кичево и Дебар
Од 12 октомври системот за контрола на сообраќајот започнува со работа и на територијата на СВР Охрид.

Паметниот систем „Безбеден град“ од 12 октомври ќе започне да се применува и на територијата на СВР Охрид, односно во Охрид, Струга, Кичево и Дебар, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски при посетата на СВР Охрид и Регионалниот центар Запад.
Тошковски информира дека подготовките се во завршна фаза и дека во следните две недели треба да се реализираат преостанатите активности поврзани со командниот центар и имплементацијата на системот.
„Начелно се договоривме со началниците дека би биле подготвени да почнеме со практична примена на ‘Безбеден град’ на територијата на СВР Охрид, заклучно со 12 октомври. Сакам да ги известиме граѓаните, особено жителите на Дебар, Кичево, Струга и Охрид, дека системот почнува со примена и во овој регион“, рече Тошковски.
Системот „Безбеден град“ во државата е во функција од 1 февруари годинава. По неговото воведување следуваше период на адаптација од два и пол месеца, во кој граѓаните беа известувани и контролирани за сообраќајните прекршоци, додека системот беше дополнително тестиран и унапредуван.
Според Тошковски, резултатите покажуваат намалување на бројот на повредени во сообраќајни несреќи за 20 отсто во однос на истиот период минатата година, како и 34 жртви помалку.
„Тоа се 34 семејства во државата. Мислам дека е нешто фрапантно што сме го постигнале сите како граѓани на Македонија“, истакна министерот, заблагодарувајќи им на граѓаните за почитувањето на сообраќајните правила.
„Фронтекс“ и на западната граница
Тошковски соопшти и дека е постигнат договор со Европската Унија припадници на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража „Фронтекс“, покрај на јужната, да бидат присутни и на западната граница.
Според него, заедничките активности се очекува да започнат до крајот на годинава, со цел да се подобри контролата на границата, особено на делот кон Република Албанија.
Нов објект за СВР Охрид
Во однос на условите за работа, министерот најави преселување на службите на СВР Охрид во нов објект во поранешната касарна во Охрид.
Во тој објект во иднина треба да биде дислоциран и командниот центар на „Безбеден град“. До неговото преместување, командниот центар ќе функционира во објектот на Регионалниот центар Запад.
Тошковски појасни дека опремата и ресурсите поврзани со системот во иднина ќе бидат сместени во новиот објект, додека реновираните простории во Регионалниот центар Запад ќе продолжат да се користат за други потреби на полицијата.
Постојната главна зграда на СВР Охрид е дотраена и предвидена за уривање. На нејзино место, според плановите на локалната самоуправа, е предвидена изградба на подземна гаража за возила, а над подземната инфраструктура би бил уреден плоштад со соодветно хортикултурно уредување.

