ФИЛИПЧЕ СО ТЕШКО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ Македонија ризикува да остане надвор од европскиот воз

Две години слушаме ветувања за гаранции, а резултат нема и времето поминува.

ФИЛИПЧЕ СО ТЕШКО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ Македонија ризикува да остане надвор од европскиот воз
Фото: СДСМ

Претседателот на СДСМ и претседател на Националниот совет за евроинтеграции, д-р Венко Филипче, изрази сериозна загриженост за европскиот пат на Македонија и за начинот на кој Владата го води процесот.

На денешната средба со делегацијата на Сенатот на Француската Република во Собранието, Филипче оцени дека Владата дојде на власт со ветување дека ќе ја подобри преговарачката позиција на државата и ќе обезбеди гаранции и предвидливост во преговорите со ЕУ, но дека досега нема конкретен резултат.

„Апсолутно ги поддржуваме ако има воопшто обиди таа преговарачка позиција да се подобри. Зошто кажувам ако има, затоа што до сега, барем, не гледаме дека има некој резултат“, рече Филипче.

Тој предупреди дека додека Македонија стои во место, други земји од регионот и соседството се движат напред во процесот на европска интеграција.

„Во најавата на претседателката фон дер Лајен за четири земји веќе е изгледен патот кои се следните чекори и членството, заклучно со крајот на овој мандат на Европската комисија. Тоа се од регионот Црна Гора и Албанија, понатаму Молдавија и Украина, нас нè нема“, посочи тој.

Филипче предупреди и на можните последици во делот на европското финансирање, особено во однос на идната претпристапна поддршка.

„Прашање е дали ќе влеземе во буџетирањето од Европската Унија. Една од работите која што веројатно ќе ги дискутира претседателката на Европската Комисија е дека нема да има веќе ниту ИПА механизам, значи нема да има пререзервирани средства, што е ризик за нас“, рече Филипче.

Тој се осврна и на владеењето на правото, судството и обвинителството, области за кои, како што рече, постојат забелешки и во извештаите на Европската комисија. Како проблем ги посочи јавните критики и повикувањето на судии и обвинители од страна на премиерот, како и недоволното финансирање на правосудството.

„Во сферата на владеење на правото, сведоци сме на јавна критика што мислам дека е недозволиво од страна на премиерот, повикување на одредени судии, обвинители и така натаму“, рече тој.

Во однос на медиумскиот плурализам, Филипче изрази загриженост поради, како што наведе, притисоците врз медиумите и промените во сопственичката структура на медиумскиот простор. Тој посочи и на зголеменото присуство на српски медиуми, како и на прашањата околу начинот на кој одредени канали добиваат дозволи за работа.

На крајот, Филипче изрази сомнеж дека Владата има вистинска желба да го продолжи европскиот пат.

„Лично имам сомнеж дека воопшто има европски тенденции, желба да се продолжи евроинтегративниот пат“, рече тој.

Филипче порача дека СДСМ останува посветен на европската интеграција и дека ќе ги поддржи напорите за подобрување на преговарачката позиција и обезбедување гаранции против идни блокади.

„Ние остануваме посветени на европскиот пат. Знаеме дека Франција е наш традиционален пријател и убедени сме дека таа поддршка ќе продолжи и во иднина“, порача Филипче.

CATEGORIES
Share This