БЕЗ ГАРАНЦИИ, СО ПОТПИС – Исплатени 660.000 евра, сега следи истрага и притвор

Обвинителството бара притвор поради опасност од бегство и влијание врз сведоци.

БЕЗ ГАРАНЦИИ, СО ПОТПИС – Исплатени 660.000 евра, сега следи истрага и притвор
Фото: Принтскрин

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со криминалистичката полиција при МВР, поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), М.С., поради сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“.

Според информациите од обвинителството, осомничениот во периодот ноември – декември 2024 година, како службено лице, овозможил противправна имотна корист од околу 660.000 евра за правно лице од Скопје.

Случајот е поврзан со проект финансиран од УЕФА, во рамки на програмата „HatTrick VI“, наменет за развој на спортска инфраструктура. Станува збор за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, за која била избрана понуда вредна околу 3,3 милиони евра без ДДВ.

Истрагата утврдила дека, иако тоа не било побарано од изведувачот ниту било предвидено во тендерската документација, осомничениот внел дополнителен услов во договорот со авансна исплата од 20% од вкупната вредност.

Овој услов бил спротивен на одлуката на Управниот одбор, а дополнително не било обезбедено никакво правно средство за заштита на исплатените средства.

На 17 декември 2024 година, по налог на осомничениот, биле исплатени околу 660.000 евра на избраната компанија.

Од Основното јавно обвинителство информираат дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка, а до судот е доставен и предлог за определување мерка притвор.

Како причини се наведуваат опасност од бегство и можност осомничениот да влијае врз сведоци и да ја попречува истрагата.

Ова не е првпат активностите на ФФМ да предизвикаат јавни реакции. Во март 2022 година, внимание привлече присуството на високи функционери на натпреварот меѓу Македонија и Италија во Палермо.

Тогаш, вишата обвинителка Фатиме Фетаи објави дека ги покрила трошоците за патувањето преку туристичка агенција, приложувајќи уплатници со датум 28 март, иако натпреварите се одиграа неколку дена претходно. Во јавноста се отворија прашања и за присуството на други функционери, меѓу кои и тогашниот министер за правда Никола Тупанчески, Лазар Нанев, претседател на Општинскиот суд во Кавадарци за кои не беа презентирани докази за лично покривање на трошоците.

Откако се објави фотографијата како од ложата за ВИП гости од стадионот во Палермо навиваат вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи, Никола Тупанчески, министерот за правда и Лазар Нанев, претседател на Општинскиот суд во Кавадарци се постави прашањето на чиј трошок биле таму. Во авионот со македонските репрезентативци патувале и Рамиз Мерко, градоначалникот на Струга, Никола Бакрачевски, поранешен градоначалник на Охрид и член на Етичкиот одбор на ФФМ и Владо Бучковски, поранешен македонски премиер, со двајцата синови.

ФФМ тогаш соопшти дека чартер-летот бил финансиран од федерацијата, додека билетите за ВИП ложата биле обезбедени бесплатно.

Во меѓувреме, доцна вечерва се огласија од Основниот кривичен суд Скопје со известување дека е донесено решение со кое на лицето М.С., поранешен претседател на Фудбалска федерација на Македонија, му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

ОД ВРВОТ ДО ПРИТВОР – Уапсен поранешниот прв човек на македонскиот фудбал

CATEGORIES
Share This