ОД ВРВОТ ДО ПРИТВОР – Уапсен поранешниот прв човек на македонскиот фудбал

Обвинителството најавува повеќе детали по завршување на дејствата.

ОД ВРВОТ ДО ПРИТВОР – Уапсен поранешниот прв човек на македонскиот фудбал
Фото: Принтскрин

Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, е уапсен под сомнение за проневера и злоупотреба на службената положба.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, Сејдини бил лишен од слобода во координирана акција на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција, во соработка со Основното јавно обвинителство Скопје.

Од Обвинителството соопштија дека истрагата е во тек и дека се преземаат дополнителни дејства по наредба на јавен обвинител. Повеќе информации за случајот ќе бидат објавени по завршување на постапките.

Сејдини беше на чело на ФФМ во два мандати, од 2019 до 2025 година. Во февруари годинава тој беше суспендиран на две години од Федерацијата, поради утврдени неправилности поврзани со злоупотреба на овластувања.

Според одлуката на Дисциплинската комисија на ФФМ, Сејдини потпишал договор за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, во кој бил вметнат услов за авансно плаќање од 20 проценти и услов што не бил дел од првично прифатената понуда. Авансот бил исплатен без банкарска гаранција и без соодветно одобрение.

Комисијата утврдила дека со ваквите постапки Сејдини го довел во заблуда Управниот одбор на ФФМ и предизвикал значителна финансиска штета на Федерацијата, по што му била изречена дисциплинска санкција.

CATEGORIES
TAGS
Share This