БЕНЗИНОТ ПОЕВТИНУВА, ДИЗЕЛОТ ПОСКАПУВА Нови цени од утре
Бензинот поефтинува за 2 денари, дизелот поскапува за 1 денар.

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе нова одлука со која од 5 август се менуваат малопродажните цени на нафтените деривати. Одлуката стапува во сила од 00:01 часот на 5 август, а во просек цените на нафтените деривати се намалуваат за 1,24 отсто во однос на претходната одлука од 27 јули.
Според РКЕ, референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар бележат различни движења. Кај бензините има просечно намалување од 2,069 отсто, додека дизелот поскапел во просек за 4,806 отсто. Екстра лесното масло е поскапо за 0,930 отсто, а кај мазутот е регистрирано намалување од околу 4,787 отсто. Во пресметката е земен предвид и курсот на денарот во однос на американскиот долар, кој е повисок за 0,1423 отсто во споредба со претходниот период.
Од 5 август во 00:01 часот максималните малопродажни цени ќе изнесуваат:
- Еуросупер БС-95: 91,00 денари за литар
- Еуросупер БС-98: 93,00 денари за литар
- Еуродизел БС (Д-Е V): 99,50 денари за литар
- Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1): 98,50 денари за литар
- Мазут М-1 НС: 46,419 денари за килограм
РКЕ во новата одлука применува намалена акциза од 2 денари за литар кај бензините Еуросупер БС-95 и БС-98, како и намалена акциза од 4 денари за литар кај Еуродизелот. Како резултат на новата пресметка, бензините поевтинуваат за 2 денари за литар, додека дизелот поскапува за 1 денар за литар. Екстра лесното масло за домаќинство поскапува за 0,50 денари за литар, а мазутот поевтинува за 1,680 денари за килограм.
Од РКЕ нагласуваат дека станува збор за максимални цени. Трговците на големо и мало можат да ги продаваат нафтените деривати и горивата за транспорт по цени пониски од утврдените максимални.

