ТАВ ПОПУШТИ ПО ИНТЕРВЕНЦИЈАТА Се укинува ограничувањето за бесплатниот влез во „Hug & Fly“

Едно возило повторно ќе може да влегува бесплатно во зоната на скопскиот аеродром повеќепати во период од 24 часа, откако Комисијата за заштита на конкуренцијата побара дополнителни појаснувања од ТАВ Македонија.

ТАВ ПОПУШТИ ПО ИНТЕРВЕНЦИЈАТА Се укинува ограничувањето за бесплатниот влез во „Hug & Fly“
Фото: Национал

ТАВ Македонија ја повлече одлуката за ограничување на бесплатниот пристап во зоната „Hug & Fly“ на Меѓународниот аеродром Скопје. Со повлечената мерка, бесплатниот пристап на едно возило повеќе нема да биде ограничен на само еден влез во зоната во период од 24 часа.

Одлуката следува откако Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата, во рамки на анализата на условите и режимот за користење на зоната „Hug & Fly“, побарала од ТАВ Македонија дополнителни појаснувања и релевантни податоци за воведеното ограничување.

Од Комисијата информираат дека по добиеното барање, ТАВ Македонија ја известила дека ја повлекла одлуката со која бесплатниот пристап на едно возило бил ограничен на еден влез во рок од 24 часа.

„Комисијата ја поздравува одлуката на ТАВ Македонија за повлекување на мерката и ќе продолжи да ја следи состојбата и условите за пристап до аеродромската инфраструктура, особено од аспект на обезбедување еднакви и недискриминаторски услови за сите учесници на пазарот“, соопштуваат од Комисијата.

Оттаму додаваат дека остануваат посветени на заштитата на конкуренцијата и ќе продолжат да постапуваат во рамки на своите законски надлежности кога постои можност одредени услови или мерки да влијаат врз конкуренцијата и интересите на граѓаните.

CATEGORIES
Share This